Студентите на УКИМ упатија „новогодишни“ барања до институциите

Филозофски и Филолошки факултет, УКИМ / фото: Мета.мк

На еден ден пред крајот на 2021 година, Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС УКИМ) упати неколку барања до државните институции и локалните власти. Освен новогодишни честитки, на своите адреси Владата, Град Скопје, Министерствата за здравство, за образование и наука и за транспорт и врски, како и Државниот студентски дом „Скопје“, добија и барања за решавање на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат студентите од најголемиот универзитет во земјава.

Враќање на бесплатните билети за воз

УСС УКИМ бара враќање на правото на бесплатен железнички превоз за студентите. Ова право на студентите им беше ускратено на почетокот на пандемијата во март минатата година, кога со владина одлука привремено беа ставени во мирување бесплатните билети за превоз со воз за студентите, како и бесплатниот превоз за сите млади луѓе секој прв и трет викенд во месецот. Престанувањето на ова право надлежните го правдаа со опасноста од ширење на ковид-19.

Од Универзитетското собрание упатиле барање до Владата за враќање на ова право на 22 декември годинава, но досега одговор не добиле. Студентските претставници на УКИМ сега бараат да се донесе одлука со која се прекинува мирувањето на оваа мерка и бесплатните билети за превоз со воз повторно да важат од јануари следната година.

„Студентите почнуваат да се враќаат на предавања со физичко присуство, тоа подразбира дека сè повеќе студенти повторно се селат во градот каде е нивниот факултет, и имаат потреба од постојан превоз до нивниот роден град и назад. Студентите немаат шанса да се вработат во текот на нивните студии, па бесплатните билети за воз се од навистина огромно значење за студентите кои имаат потреба од постојано патување. Дополнително, со враќање на бесплатните возни билети, го поттикнуваме патувањето со најеколошкиот вид на меѓуградски превоз, возот“, велат од УСС УКИМ во упатеното барање до Владата.

Покрај Владата, барање за постапување кон оваа мерка добија и Министерството за здравство од кое се бара Комисијата за заразни болести да се произнесе во однос на оправданоста на враќањето на бесплатниот железнички превоз, а од Министерството за транспорт и врски студентите побараа одвојување на дел од субвенциите што ги добиваат „Железници“ за спроведување на оваа мерка.

Студентите од еднородителски семејства да плаќаат половина школарина на сите државни универзитети

Освен ова, од Владата се бара да воспостави соработка со Министерството за образование и наука (МОН) во однос на неколку барања, како што е она за враќање на правото на студентите од еднородителски семејства да плаќаат половина од школарината на државните универзитети.

Ова право кое го уживаа студентите од оваа категорија беше укинато со одлука на Владата во 2019 година, а студентите од еднородителски семејства останаа обесправени.

„Живеејќи во незавидни финансиски времиња, студентите чие родителско право го врши самохран родител се во особено тешка ситуација, често приморани да се откажат од своите студии заради недостаток на средства. Дополнително, пандемијата на корона вирусот зема огромен број човечки жртви, а многу од нив токму родители на студенти, оставајќи ги семејствата и студентите на борбени фронтови за финансиски опстанок. Надлежност и обврска на Владата и на Министерството за образование и наука е да се грижи за студентите и да им помогне да продолжат со своите студии“, порачаа од УСС УКИМ.

Нов модел на финансирање на високото образование

На македонскиот јавен високообразовен систем му е потребен нов модел на финансирање, велат од УСС УКИМ во барањето до Владата, затоа што актуелниот модел „се покажува како нефункционален и неодржлив, а неговата неефикасност најмногу се одразува на квалитетот на образованието и стандардот на студентите“.

Како што велат, новиот систем треба да овозможи реално финансиска автономија и сигурност на државните универзитети, притоа ослободувајќи ги универзитетите од финансискиот товар за самостојно обезбедување на есенцијалните финансии.

„Бараме Министерството за образование и наука, Владата на РСМ, Националниот совет, високообразовните институции, заедно со странските експерти, да развијат нов систем за финансирање на високообразовните институции, кој ќе ја обезебеди финансиската автономија на универзитетите, ќе ја гарантира и финансиската стабилност и одржливост на долг рок и ќе ги ослободи студентите кои моментално го сносат овој товар“, порачуваат од УСС УКИМ.

Од таму додаваат дека факултетите на почетокот на следната година ќе достават трошковник по глава на студент, односно реална сума која им е потребна за да ги пружат соодветните административни и други услуги, без да наплаќаат надоместоци од самиот студент. Потоа, откако државата ќе ја ревидира побараната сума, потребно е да префрла средства на високообразовните институции. На овој начин, велат од УСС УКИМ, студентите ќе имаат значително намалени трошоци за студирање, а високо образовните институции нема да се соочат со финансиска дупка која би настанала со укинување на овие давачки.

Студентски дом Гоце Делчев
Студентски дом „Гоце Делчев“, Скопје / фото: Мета.мк

Вработување психолози во студентските домови

Последното барање до Владата се однесува на институционалната поддршка за барањето за вработување психолози во Државниот студентски дом, кое беше упатено и до ова тело во чија надлежност се студентските домови во Скопје.

За да се зачува менталното здравје на студентите кои престојуваат во домовите, УСС УКИМ бара предвидување на 5 позиции „Психолог“ во систематизацијата на работни места на студентскиот дом, а согласност е побарана и од МОН.

Покачените стипендии да важат за сите студенти

Најдолга листа со барања доби Министерството за образование и наука, која е и најповикана институција што директно се грижи за студентскиот живот и стандард. Од оваа институција УСС УКИМ побара покачените стипендии да важат за сите студенти.

Имено, МОН годинава ги зголеми стипендиите речиси двојно, па тие сега изнесуваат 6.050 денари месечно. Сепак, зголемените суми ќе ги добиваат само оние студенти кои аплицираат првпат, додека студентите кои веќе се корисници на стипендии, продолжија да ги добиваат старите, пониски суми. Од УСС УКИМ велат дека не постои оправдана причина заради која овие студенти се исклучени од мерката покачени стипендии, па бараат предвидување на потребниот износ на средства со што од следната академска година сите студенти стипендисти ќе добиваат повисоки стипендии.

„На овој начин се создава неоправдано дискриминирање на трудот меѓу студентите кои за прв пат аплицираат за стипендија, наградувајќи ги двојно повеќе од оние кои веќе добиле стипендија, и вложуваат дополнителен труд да ја задржат, а добиваат двојно помала награда за него“, велат од УСС УКИМ.

Од МОН се бара и поддршка за капиталните проекти за подобрување на образовната инфраструктура, поднесени од УКИМ во соработка со УСС УКИМ.

Студентите веќе изработиле и проект за реновирање и проширување на читалната на ФЕИТ во која ќе можат да учат студентите од целиот техники кампус, бидејќи овој кампус е единствениот кој нема читална.

УСС УКИМ бара поддршка и за реновирањето на атриумите на Технолошко-металуршкиот факултет, кои во моментов се наоѓаат во „ужасна состојба“.

Студентите сега бараат МОН да ги поддржи овие два проекта и да инвестира во високообразовната инфраструктура преку предлозите на самите студенти.

Повикувајќи се на „Декларацијата за млади, образование и иднина“, УСС УКИМ бара евалуација на постоечката инфраструктура во високообразовните институции во соработка со универзитетските и факултетските управи и студентските претставнички тела во првите 100 дена од мандатот на новата Влада, како и реализација на капиталните инвестиции во образовната инфраструктура најдоцна до јануари 2022 година.

„Градот за студентите и студентите за Градот“

Студентите упатија барања и до новоизбраната градоначалничка и новиот совет на Град Скопје. Од нив, најпрво се бара проследување на владината одлука за отворање на библиотеката „Браќа Миладиновци“ во надлежност на самата библиотека.

Универзитетското студентско собрание испратило барање до Владата да го дозволи продолжувањето на работните часови на 24/7 на читалната „Браќа Миладиновци“ како што беше пред почетокот на пандемијата. На седницата одржана во вторник, Владата се произнела позитивно по барањето на УСС УКИМ и дозволила отворање на библиотеката која е под надлежност на Град Скопје.

УСС УКИМ сега бара проследување на надлежноста на библиотеката во пресрет на јануарската испитна сесија. Како што велат студентските претставници, капацитетот на читалната останува ограничен на 50 отсто од предвидените места, со што се запазуваат мерките за заштита.

Од управата на главниот град студентите бараат и реновирање и одржување на дворот на Техничкиот кампус каде што се сместени Технолошко-металуршкиот факултет, ФИНКИ, ФЕИТ и Машинскиот факултет, како и на заедничкиот двор на Факултетот за ликовна уметност и Педагошкиот факултет.

„Академската средина има потреба од обнова, ново зеленило, осветлување, патеки, клупи и отпадни канти. Предложуваме да ги здружиме нашите сили и да им обезбедиме пријатна средина на студентите на горе-наведените факултети, и да ги отвориме нејзините врати кон сите граѓани. Околината на техничкиот кампус и на факултетот за ликовна уметност изобилуваат со згради и училишта, односно граѓани на градот Скопје на кои им е потребен зелен простор за прошетка и рекреација“, велат од УСС УКИМ во барањето упатено до Град Скопје.

Покрај ова, студентите бараат бесплатниот јавен превоз со автобус да важи и за студентите од втор и трет циклус студии или, како што велат во барањето, „во најмала рака да се определи симболична сума која ќе ја плаќаат за годишна карта“.

Економски факултет УКИМ
Економски факултет, УКИМ / фото: Мета.мк

Враќање и поддршка за настава со физичко присуство

УКИМ годинава одлучи факултетите самостојно да решаваат кои предавања ќе ги одржуваат со физичко присуство, а кои онлајн. УСС во својата новогодишна честитка до Министерството за здравство бара да им пружи поддршка на факултетите да почнат во што поголем број да ги одржуваат предавањата со физички присуство, почнувајќи од обезбедување бесплатни брзи тестови за студентите што ќе посетуваат настава, како и кампања за вакцинација на студентите и академскито кадар.

Новогодишните барања на УСС УКИМ денеска беа испратени на адресите на институциите. Првиот работен ден од новата 2022 година надлежните ќе имаат полни раце работа и одлуки за носење, а студентите оптимистички очекуваат позитивен одговор на повеќето барања.