Битола се задолжува со кредит за инфраструктурата во поранешната касарна!?

Локалната власт во Битола ќе се задолжува со кредит за изградба на водовод и на канализација во касарната, тврди битолската опозиција во општинскиот Совет. Советникот на ЛДП, Александар Касаповски, предупредува дека Општината со буџет од 25 милиони евра, изгласа развојни програми за чијашто реализација планира да земе кредит од неколку милиони евра.

– Битола со годишен буџет од речиси 25 милиони евра, ќе се задолжува. Значи, ќе ги задолжат Битола и битолчани за нешто што граѓаните го платија, а тоа е изградба на водовод и на канализација во касарната, нешто што е тековна работа на секоја Општина и нешто што може и мора да се финансира од буџетот, а не со задолжување. Власта реши да нè задолжува и со кредит да ги плаќа услугите, кои граѓаните веќе ги платија. Значи ВМРО-ДПМНЕ нема да зема само од нас, туку и од нашите деца и внуци. Тоа значи дека Битола и битолчани ќе живеат од кредити, а ќе умираат на рати – рече советникот на ЛДП, Александар Касаповски, на денешната прес-конференција.

За задолжувањето со кредит за изградба на инфраструктура во поранешната касарна, битолчани слушнаа уште во мај годинава. Градоначалникот Владимир Талески, на 29 мај, еден ден пред закажаната седница на Cоветот, јавно кажа дека се работи за задолжување со минимална камата од 1 до 2 проценти, со грејс-период од околу 10 години.

– На крајот, кога ќе се врати задолжувањето, тие 1 до 2 проценти камата се враќаат како донација на Општината, значи, нема апсулутно никакво задолжување. Но, тоа ќе ни помогне сега ефикасно да ја завршиме инфраструктурата. На тој начин ќе им овозможиме на инвеститорите што побргу да ги продаваат своите станови и да го прошиоруваат својот бизнис – рече тогаш Талески.

Меѓутоа, од тој ден досега, градоначалникот Талески не излегол јавно пред Советот да побара поддршка за новиот кредит. А и Советот на Општина Битола нема расправано за тоа задолжување.

А.Б.