Најмалку 90 лица загинаа во обидот за државен удар во Турција, а повеќе од 1.150 се повредени. Уапсени се повеќе од 1.563 војници кои учествувале во синоќешниот пуч, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на анонимен претставник на власта.
Борбите продолжуваат и утринава, а силни експлозии се слушаат во Анкара и во Истанбул, додека бомба ја погоди и зградата на турскиот парламент.
Илјадници граѓани синоќа излегоа на улиците и се судрија со војската за да му изразат поддршка на претседателот Реџеп Таип Ердоган откако тој преку видеозапис на „Фејс тајм“, објавен на „Си-ен-ен турк“, ги повика да се спротивстават на пучот.
Командантот на вооружените сили на Турција, генерал Хулуси Акар е ослободен, откако пучистите го држеле како заложник за време на обидот за државен удар од страна на војската.
Како што пренесуваат светските медиуми, шефот на турската војска е префрлен на сигурна локација, а ослободен е и блискиот соработник на претседателот Реџеп Таип Ердоган, генералот Фахри Касирга.
Според првичните извештаи, во обидот за пуч учествувале петмина генерали и 29 полковници на турската војска, а по напнатата ноќ во која имаше судир помеѓу војската и полицијата, повеќе од 1.500 војници се предадоа.
Претседателот Ердоган соопшти дека има целосна контрола над земјата и порача дека предавниците на земјата ќе платат висока цена.
Турската државна агенција „Анадолија“ пренесе дека со вооружените сили на Турција сега раководи Хулус Акар и тој ја предводи операцијата против оние што го планирале државниот удар.