Министерката за образование и наука Јаневска ќе прави „длабока ревизија по барање на јавноста“ – всушност, нејзините довчерашни политички и идеолошки истомисленици со кои биле „на иста линија“ – а не јавност составена од потврдени експерти по психологија, педагогија, социологија, медицина, како и врвен и искусен наставен кадар, која знае да ги препознае и реши проблемите. Затоа се добива впечаток дека повлекувањето на наводно спорниот предмет Сеопшто сексуално образование, е нејзино враќање на политички долг. Јаневска навестува нејзин личен ангажман во ревизија на наставната програма, но ни овој пат не знаеме дали како во минатото, кога коментираше лажна вест за наводни работни листови и обилно користеше квалификации како малоумност, неписменост и незнаење за нивните непостоечки автори, најпрвин ќе ги провери фактите за кои говори, пишува „Вистиномер“ 

Во продолжение, ви го пренесуваме текстот во целост:

Министерката за образование и наука Весна Јаневска, по реакциите за воведувањето на изборен предмет Сеопфатно сексуално образование за средношколците од прва до четврта година, соопшти дека Министерството за образование и наука (МОН) ја повлекува наставната програма за да се направи ревизија. Во нејзината изјава може да се препознае спин:

Спин: Ние ги повлековме во овој момент програмата и предметот и ќе направиме длабока ревизија по барање на јавноста, да видиме дали навистина во програмата има нешто за што би можело да има забелешки. Инаку, во програмата има теми: семејство, има заштита од сексуално преносливи болести, има заштита од несакана бременост, има рамноправност на половите, има тема за недискриминација меѓу половите. Но, повторувам, веќе го замолив Бирото за развој на образованието, оти јас не сум стручна, но и лично ќе се ангажирам, збор по збор да ја поминеме програмата, да видиме што е тоа што е проблем во неа…. Должност на министерот за образование и наука е да ги слушне сите што имаат какви било коментари за образовниот систем.

[Извор: Предметот Сексуално образование повлечен од средните училишта – Јаневска најави длабока ревизија на наставната програма Телма – Датум: 10.09.2026]

Контраспин: Министерката за образование и наука Весна Јаневска, соопштувајќи дека МОН одлучи да ја повлече наставната програма за да се направи длабока ревизија на изборниот предмет „Сеопфатно сексуално образование за учениците од прва до четврта година во средните училишта, објаснува дека овој чин доаѓа „по барање на јавноста“. Потоа, иако се декларира дека „не е стручна“, таа сепак лично ќе се ангажира во ревизија на програмата што треба да ја спроведе Бирото за развој на образованието, и тоа „збор по збор“, бидејќи тоа било должност на министерот за образование и наука.

Во нејзината изјава се препознава спин, односно извртување на вистината. Критичката јавност (овде и овде) веќе ја детектираше „јавноста“ која барала повлекување на оваа наставна програма – најгласни противници беа викарниот Епископ Стобиски Јаков, здружението „Родителски фронт“, државниот просветен инспектор во пензија, Ѓорѓи Илиевски… Кога ќе се анализираат нивните ставови, останува впечатокот дека Јаневска го повлекла спорниот предмет како „сентиментално“ враќање на долгот што таа го има кон оваа групација, бидејќи до пред три години делеле исти политички и идеолошки ставови околу родовите политки, а не заради – како што таа потенцира – барање на јавноста. Да одиме по ред.

Епископот Јаков во отвореното писмо ја прозива Јаневска заради нејзиното лицемерие и  политичка превртливост, потенцира дека „јавно говорел афирмативно за нејзиниот политички светоглед“ и ја потсетува на 24 август 2023 година:

Тогаш бевте опозиција, застанавте пред камерите, настапувавте како заштитник на народот, ја нападнавте опасната концепција на Мила Царовска и баравте нејзино итно суспендирање. Го предупредивте тогашниот министер дека цел живот ќе го носи на совест уништувањето на образованието. И тогаш, објаснувајќи какво катастрофално решение им се спрема на нашите деца, кажавте нешто што практично го потврдува Вашето лицемерие. Вие се пожаливте дека наставниците ќе бидат принудени да предаваат бесмислени изборни предмети, набројувајќи ја меѓу нив и „родовата еднаквост“ рамо до рамо со останатите „глупости“ со кои им се трујат главите на децата!

На една трибина Ве бранев од оркестрираниот напад на родовите активисти затоа што од Законот за основно и средно образование тогаш беа избришани отровните поими „род“, „родов идентитет“ и „сексуална ориентација“. Тогаш реков дека министерката Јаневска „направи добра проценка“. Исто така, реков дека министерката „и тоа како, знае што прави“. Гледано од денешна перспектива Вие уште тогаш сте правеле политички компромис со она што повеќепати јавно го осудувавте започнувајќи соработка со најрадикалните родови организации чијшто препознатлив потпис го гледаме во текстот на наставната програма, спротивно на сите предизборни ветувања кои во светлото на содржината на наставната програма не се ништо друго туку една лукративна политичка манипулација. 

Весна Јаневска на 14.09.2023 како претседател на Комисија за образование и наука на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, побара одговорност за образовен материјал за средното образование кој бил одобрен во 2011 година од тогашниот министер Јетон Шаќири, а го актуелизирал доктор Александар Митов. Таа жестоко го прозива Шаќири со зборовите:

Ова лудило во образованието што го продуцираат државните институции ги премина сите граници. Зборувам за работни листови за учениците по предметот Образование за животни вештини. Во овие работни листови некој комплетно малоумен прашува: Ако хетеросексуалноста е нормална, тогаш зошто толку многу хетеросексуалци се лица со ментални нарушувања? Најголемиот број лица што злоставуваат деца се хетеросексуалци. Дали сметате дека е безбедно вашето дете да го праќате на училиште каде повеќето наставници се хетеросексуалци?

Во нејзината тирада Јаневска тогаш ја повикуваше „целата стручна јавност, психолози, педагози, социолози веднаш, итно и неодложно да се оградат и да реагираат на грубата манипулација на малолетните деца, на пропагандата и навредите кон мнозинската сексуална ориентација. Ова не е неписменост и незнаење, за ова има основа и за одговорност“.

Стручната јавност тогаш немаше потреба да реагира, бидејќи веднаш се јави Бирото за развој на образование кое „најостро ги демантира дезинформациите во јавноста за наводно постоење и употреба на учебник којшто го користат учениците во средното образование за реализација на програмата Образование за животни вештини“. Просто кажано, фамозните „работни листови“ биле лажна вест.

Да не говориме, пак, за нејзината изјава од 28.01.2021 година, кога како претседателка на Комисијата за образование во нејзината партија, тогаш во опозиција, тврдеше дека во тогашната Концепција на МОН за реформи во образованието имало можност да се бира сексуално образование во второ одделение:

Спин: …Притоа им се даваат на децата и изборни предмети од второ одделение – кога тие не можат сами да избираат, и законски родителите се старатели до 18 години – и во кои има и јога и пилатес, ама има и сексуално воспитување во второ одделение, без никаков детал, што децата во тие 16 до 20 недели по еден час ќе учат во тој предмет ако го изберат и доколку го изберат.

Се разбира дека никаде во Концепцијата не стоеше оти во второ одделение ќе може да се избере сексуално образование како предмет, но ваквата изјава тогаш предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, преполни со изнасилен бес без потреба и со серија дополнителни дезинформации од Фејсбук групи, поткрепени со разголени илустрации, наменети за ширење на тој изнасилен бес, па тогашното МОН се најде во ситуација да мора да реагира дека „веста е целосно лажна, а користените илустрации воопшто не се дел од учебници и материјали од нашиот образовен систем“.

И здружението „Родителски фронт“ ја критикува министерката Јаневска, посочувајќи дека таа, додека била во опозиција, се спротивставувала на концептите за сексуално и родово сензитивно образование, а сега дозволила нивно спроведување. Тие ја потсетуваат министерката дека како „опозиција жестоко ја напаѓаше Мила Царовска и освојуваше политички поени токму заради страната која ја зазеде против сексуалното и родово сензитивното образование и родовата идеологија, против истите идеолошки поими и гадости што сега, од позиција на министер, им ги наметнува на нашите деца“.

И поранешниот државен простевен инспектор во пензија Илиевски ја потсетува Јаневска дека во опозиција биле „на иста линија“ кога станувало збор за образованието.

Никогаш не бевме со различни ставови, а пред сè никогаш со спротивставени ставови. И секогаш во тој период партијата добиваше поени кај македонските граѓани. Отворив многу афери во образованието, многу криминали, образовен криминал и многу штета за иднината на младите. После победата на парламентарните избори за министер за образование и наука беше поставена Весна Јаневска. Очекував дека ќе ги земе во вид моите откриени образовни криминали, за што и на почетокот коректно и праќав сугестии…

Чудно, неколку пати ѝ пишував лично на министерката и тоа го објаснив во неколку колумни, но молк од неа. Јас за неа бев пензионер, а притоа заборави дека таа од пензионерка дојде за министерка. Дури и на состаноци на партиската комисија таа министерка коментирала дека еве како нејзин близок сопартиец сум ја напаѓал? Зарем е тоа нормално?

Кога ќе се погледнат овие факти, испаѓа дека Јаневска ќе прави „длабока ревизија по барање на јавноста“ – всушност, нејзините довчерашни политички и идеолошки истомисленици со кои биле „на иста линија“ – а не од вистинска поширока јавност во која, меѓу останатите, би имало и експерти по психологија, педагогија, социологија, медицина, како и наставен кадар, кој би знаел да ги препознае и реши проблемите. Затоа и се препознава спин во нејзината изјава, но, се добива и впечаток дека повлекувањето на наводно спорниот предмет „по барање на јавноста“ е, всушност, нејзино враќање на политички долг.

 

Пишува: Стојан Синадинов