Жената со потешка клиничка слика, три дена откако била примена на Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип, синоќа е пренесена на Инфективната клиника во Скопје. Како што потврди инфектологот Дијана Шишкова, на пациентката ѝ било потврдено присуството на корона вирусот.

На Инфективното одделение во Штип се наоѓа уште еден пацинет, кој беше хоспитализиран во текот на викендот.

Д-р Шишкова не можеше да потврди поврзаност меѓу двата случаи.

За овој пациент од Инфективното одделение, епидемиолозите веќе потврдија дека е од нов, трет кластер на болни, кои немаат врска со претходните два, со луѓето кои дојдоа од Англија и тие што се инфицираа на Копаоник, во Србија. Пациентот не патувал во странство, туку веројатно се инфицирал од некој од веќе заболените.

Во Штип постои вознемиреност по информациите дека некои од заболените и луѓе на кои им е одредена изолација, не се придржувале на издаденото решение. Денеска казнен налог од 5.000 евра, Јавното обвинителство побара за штипјанец, кој по доаѓањето од странство, требало да остане во изолација. Наместо тоа, на еден ден пред завршувањето на периодот за изолација, отишол на бербер.

„Обвинетиот 32-годишник не постапил според решението со кое му била определена задолжителна домашна изолација до 26 март, па на 25 март го напуштил својот дом и отишол во берберски салон. Со ова тој не постапил според одлуката на Владата со која се определуваат мерки за сузбивање и спречување на заразната болест Ковид-19“, соопшти Обвинителството.

Во Штип досега има потврдено 15 случаи на Ковид-19. Поголемиот дел од заболените се со лесна клиничка слика на болеста и се дома.