Починал пациент на 76 годишна возраст и во тешка состојба, кој бил хоспитализиран 27 дрдена на Клиниката за инфективни болести, информираше денеска директорот на клиниката Фадил Цана.

Тој кажа дека и покрај напорите на медицинскиот кадар, поради дополнителните придружни сериозни заболувања, како и тешката невроинвазивна форма на мозокот и мозочната обвивка, пациентот сепак починал.

„Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 20 пациенти со западнонилска треска од кои 18 се лабораториски потврдени случаи, додека два случаи се водат клинички како суспектни. На интензивна нега се пет пациенти со потешка клиничка слика и кај нив се одвива лекувањето според сите клинички протоколи. Тоа што и ние како клиничари го предвидувавме со вчерашниот ден се потврди дека кај 25-годишната пациентка која се водеше како клинички суспектна, се потврди невроинвазивна форма на инфекција. Но, во меѓувреме, синоќа е хоспиталзииран и 24-годишен пациент, кој се води како суспектен случај и во текот на денешниот или утрешниот ден ќе знаеме дали ќе се потврди клиничката дијагноза. Тој живее во Центар“, кажа Цана.

Невроинвазивната форма, според Цана, мора да се лекува болнички.

„Сите кои се хоспитализирани на клиниката се со невроинвазивна форма. Тие се еден процент од 100 отсто заболени. Според статистиката, најтешка форма на болеста развиваат еден отсто од вкупниот број инфицирани. Сите пациенти се од Скопје. Медицински напреднатата возраст е независен ризик-фактор за лошиот исход на оваа болест. Според сите статистики и истражувања досега е утврдено дека кога има тешка невроинвазивна форма на воспаление на мозокот и мозочната обвивка напредната возраст е независен ризик фактор кој може да доведе до лош исход“, рече Цана во изјава за медумите.