Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 21 до 28 август на повеќе локации во Скопје – Куршумли-ан, Музеј на Македонија, Сули-ан, МКЦ и „Лабораториум“. Мотото годинава е „Кому му е гајле за реалноста?“, а во рамките на програмата ќе бидат прикажани 75 документарни филма, со околу 100 гости од странство.

„Бидејќи живееме во свет каде вистината се менува побрзо од нашата способност да ја сфатиме, и каде е тенка границата меѓу фактите и фикцијата, потребата да гледаме внимателно, креативно, критички и со грижа, никогаш не била поголема,“ посочи Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.

Програмската координаторка Петрула Вељановска нагласи дека документарните филмови отвораат клучни прашања и нè соочуваат со социјални, културни, безбедносни и еколошки предизвици.

Фестивалот ќе се одвива во шест категории: Главна програма, Нови автори, Земја во фокус: Австрија, Кратки документарци, Студентска програма и Програма за деца и млади.

На отворањето на фестивалот на 21 август ќе бидат прикажани краткиот филм „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова и долгометражниот филм „Само на земјата“ на Робин Петре. Во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“ концерт ќе одржи гитаристот Мухамед Ибрахими.

Фокусот годинава е на Австрија и нејзината документарна сцена.

На фестивалот ќе се одржат македонски премиери на повеќе филмови, меѓу кои се „Планината не оди никаде“ на режисерката Петра Селишкар, „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ, како и кратките филмови „Антигона“ на режисерите Ибер Деари и Мирсад Абази, „Печурки од минатото“ на Ханис Багашов, „Пејзажот на човековата суштина“ на чешката авторка Јана Хунтерова направен во соработка со „Арт-поинт Гумно“, „Кодот на Преспа“ на Никола Поповски, ќе се одржат премиери и на новите филмови произлезени од школата „Докуникулци“, а специјална проекција ќе има филмот „Вода и оган“ на мултимедијалниот уметник Киро Урдин.

Во програмата на фестивалот се предвидени Мастерклас на „Solar Cinema“ и Патувачкото кино на „MaкеДокс“ на 23 август, од 11 до 13 часот, во „Лабораториум“ со тематски наслов „Носиме невидени филмови на необични места“, како и Мастерклас од Хуберт Зауфер со тематски наслов „Радикален минимализам во ’светската кинематографија‘“ на 24 август, од 11 до 13 часот, исто во „Лабораториум“.

Традиционално на фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет. Членови на комисиите се Марк Едвардс, Џејмс Берклаз-Луис и Маргарита Арсова за наградата „Кромид“, Вардан Тозија, Трулс Лие и Мара Прохаска Марковиќ за наградата „Млад кромид“, Памела Кон, Игор Прасел и Габриела Даниелс за наградата „Сечкан кромид“, Дина Покрајац, Танос Ставропулос и Неда Миланова за наградата „Кокарче“, Морин Принс, Мира Гаќина и Капка Касабова за Наградата за најдобри етички идеи.

Во индустрискиот сегмент на фестивалот од 25 до 27 август во МКЦ ќе се одржи МакеКоПроДокс форумот. МакеКоПроДокс е единствена платформа посветена на зајакнување на копродукцијата во областа на креативниот документарец низ целиот Балкан. Од своето основање во 2019 година, во рамките на 10-тото издание на „МакеДокс“, Форумот прерасна во витално место за средби на филмски режисери, продуценти, професионалци од индустријата и претставници од филмските центри во регионот.

На отворањето на фестивалот на 21 август во Куршумли-ан ќе биде поставена изложба на фотографии од Томислав Георгиев кои произлегоа од Патувачкото кино на „МакеДокс“ во Кочани. На 26 август во Сули-ан ќе биде поставена изложба на фотографии од уметникот со светско реноме Киро Урдин создадени во Долината Омо во Африка, која ќе биде проследена со специјална проекција на неговиот документарен филм „Вода и оган“.

Во сегментот „МакеДокс+“ ќе се одржат Развојна работилница на креативни документарни филмови во рамки на МакеКоПроДокс форум, „Разговори под смоквата“, концерти во „Ноќни приказни“.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а ќе може да се симне и фестивалската апликација.