Употребата на вештачката интелигенција во државните институции е корисна, но опасна е ако се злоупотреби

Ако вештачката интелигенција се користи нетранспарентно, последиците ги надминуваат придобивките. Ова го велат експертите за влијанието на вештачката интелигенција доколку се користи од институции кои даваат услуги на граѓаните, пишува Порталб.мк

-

Користењето на вештачката интелигенција во јавниот сектор би помогнало да се зголеми квалитетот на услугите, да се заштеди времето и парите на граѓаните, но и да се спречи корупцијата. Меѓутоа, ако вештачката интелигенција се користи нетранспарентно, последиците ги надминуваат придобивките. Ова го велат експертите за влијанието на вештачката интелигенција доколку се користи од институции кои даваат услуги на граѓаните, пишува Порталб.мк.

Обезбедувањето на услугите преку вештачката интелигенција би им помогнало на граѓаните да не чекаат по шалтери, работникот кој „задоцнил на работа“ или да се спасат од хаосот на граѓаните за една услуга која вештачката интелигенција може да ја обезбеди автоматски.

Од Граѓанското здружение „Koнект”, чиј претставник е дел од работната група за Стратегијата за ВИ, велат дека една од најголемите предности на вештачката интелигенција е тоа што може значително да ги намали грешките, но и да ја зголеми точноста и прецизноста.

„Tаа и ни е целосно достапна 24/7 и може да обавува задачи кои за луѓето би биле опасни и ризични. Одлуките што ги носи вештачката интелигенција се базираат на претходно собрани информации и одреден сет на алгоритми кои за жал можат да бидат базирани на пристрасност и/или предрасуди. Постојат примери во светот каде користењето на системите на вештачката интелигениција од страна на институциите/компаниите, за жал имаат негативен и во некои случаеви дискриминаторен ефект врз категории на граѓани кои се веќе ранливи”, вели Ирина Хаџи Митова, програмски соработник во „Конект“.

Меѓутоа, како што вели Хаџи Митова, придобивки од ВИ во давањето на услуги од страна на институциите може да има, но е исклучително важно пред било какво воведување на ВИ од страна на институциите, тие да спроведат проценка на ризици, проценка на влијание и менаџирање на можни ризици. Секако овие процеси треба да се спроведуваат во широка консултација со граѓанскиот сектор и граѓаните, со цел да се увиди дали навистина употребата на таа конкретна ВИ ќе има позитивен или негативен импакт.

„Тие сметаат дека вештачката интелигенција може да биде ефективна за борбата против корупција преку дигитализација на податоците јавните набавки, тендерите, владините трансакции итн.“, вели Хаџи Митова.

Универзитетскиот професор д-р. Петре Ламески објаснува дека не сите услуги може целосно да бидат заменети со ВИ. Ама, повеќето од услугите и процесите значајно би се подобриле доколку во нив се воведе ВИ.

„Ова се однесува на оние услуги кои се зависни од податоци, како и оние задачи кои се репетитивни и може да се автоматизираат. Целта на ВИ не треба да биде целосно исфрлање на луѓето од процесите туку олеснување на работата и унапредување на квалитетот на услугите. ВИ може да помогне во планирањето, носењето на информирани одлуки од страна на раководните лица, а може да помогне и во автоматизација и оптимизација на процесите кои земаат долго време во државните институции и кои трошат многу ресурси“, објаснува професор Ламески.

Воведувањето на ВИ претставува следен и според професорот, неминовен чекор во процесот на дигитализација на државните процеси и услуги.

„Самата дигитализација значи намалување на влијанието на човечкиот фактор, а со тоа и оневозможување на корупцијата. Или накратко, да, ВИ ќе ја оневозможи корупцијата секаде каде што ќе биде одлучувачки фактор. Сепак, доколку нејзиното користење не е транспарентно, последиците може да бидат полоши“, додава Ламески.

Др. Ментар Махмуди, кој работи како виш научник по применети науки во Амазон, за Порталб.мк вели дека употребата на вештачка интелигенција може да им помогне на институциите на многу различни начини за да обезбедат подобри и поефикасни услуги.

• Подобрување на јавните услуги: Употребата на ВИ може да им помогне на јавните институции да ги подобрат јавните услуги, овозможувајќи им да обезбедат побрзи и посоодветни услуги за граѓаните и бизнисите.

• Подобрување на здравствената заштита: вештачката интелигенција може да помогне во подобрувањето на здравствената заштита преку помошта при дијагностицирањето на болестите, одредувањето на третманите и подобрувањето на грижата по третманот.

• Заштита на јавната безбедност: ВИ може да помогне во заштитата на јавната безбедност преку помагање во идентификување на ризикот и во спречување на злосторствата.

• Подобрување на образованието и обуката: ВИ може да помогне во подобрувањето на образованието и обуката преку помагање во обезбедувањето на поефективна настава и во идентификувањето на потребите на поединците за посебни обуки.

• Подобрување на финансиските услуги: ВИ може да помогне во подобрувањето на финансиските услуги помагајќи да се идентификуваат потенцијалните ризици, да се намалат загубите и да се обезбедат персонализирани инвестициски совети.

• Сообраќај: ВИ може да помогне да се отстранат сите патарини на автопатите со автоматско откривање и плаќање и како резултат на тоа заштеда на време, гориво, сопирачки, намалување на корупцијата итн. Понатамошен чекор би било автоматското откривање на прекршувањата на сообраќајните правила (читај: непрописно паркирање).

• Подобрување на здравствените услуги: Почнувајќи од автоматското дијагностицирање па се до собирањето и обработката на податоците за пациентите за услужување и рано откривање на болестите, ВИ има извонреден потенцијал во здравствениот сектор.

Според него, вештачката интелигенција на некој начин може да помогне да се спречи корупцијата, но не може целосно да ја спречи оваа појава.

„Важно е да се напомене дека ВИ не може да ја спречи корупцијата доколку не постои целокупен интегриран пристап за нејзино спречување. Ако има корупција во процесот на програмирање со вештачка интелигенција, алгоритмите може да бидат ранливи на корупција. Покрај тоа, ако вештачката интелигенција се користи во корумпирана средина, тогаш може да постои ризик дека вештачката интелигенција се користи за да се дозволи или прикрие корупцијата. Така, вештачката интелигенција може да помогне во спречување на корупцијата на различни начини, но не може целосно да ја елиминира оваа појава“, вели д-р. Махмуди.

Презентирањето на роботот Chat GPT, кој има способност да разговара како човек со висок степен на флуентност и кохерентност, го сврте вниманието на светот на употребата на вештачката интелигенција во служба на човекот, но и за можните опасности кои може да ги донесе таа.

Порталб.мк претходно пишуваше дека употребата на вештачката интелигенција (ВИ) во недостаток на стратегија или регулатива ги изложува граѓаните на ризик од потенцијална злоупотреба. РСМ формираше работна група за Националната стратегија за вештачката интелигенција, но од 2021 година одржан е само еден состанок.

Оваа истражувачка сторија е подготвена како дел од проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA“, кофинансиран од Европската Унија и имплементиран од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академијата за е-Влада (Естонија), Движењето Доста! (Албанија), Партнери за демократски промени Србија (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и Open Data Косово (Косово).

Оваа истражувачка сторија е подготвена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на истражувачката сторија е единствена одговорност на Фондацијата Метаморфозис и авторот и на ниту еден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Петти мировник на ОН е ранет во јужен Либан, САД и Европа ги осудија нападите на Израел врз мировниците

Петти мировник на ОН е ранет во јужен Либан откако бил погоден од огнено оружје, соопштија привремените сили на ОН во Либан (Унифил). Во соопштение, Унифил вели дека мировникот во...