60-тина студенти ќе учествуваат на меѓународниот натпревар по роботика – RoboMac 2020

На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) денес почна меѓународниот натпревар за роботика и вештачка интелигенција RoboMac 2020. Оваа година, студенти од Македонија, Србија и Грција, во наредните пет дена, ќе ги измерат своите сили во знаењата за роботиката и вештачката интелигенција.

За продеканката на ФЕИТ, професор д-р Соња Геговска Зајкова во наредните неколку дена ФЕИТ ќе биде место каде што 60-тина студенти – натпреварувачи ќе имаат можност, следејќи ги предавањата на познати стручњаци, да се стекнат со нови теоретски знаења од областа на роботиката, електрониката и вештачкатa интелигенција. Следејќи ги минатогодишните искуства, и годинава, во неделата на роботиката ќе се вклучат средношколци, изјави таа.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски потенцираше дека RoboMac веќе е препознатлив настан не само за Факултетот за електротехника и информациски технологии, туку и за нашата држава.

– Тоа што се одржува 10 години по ред е само потврда за големиот интерес и резултатите кои произлегуваат од тука – рече министерот Манчевски.

Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски изјави дека е горд што нашата држава образува инвентивни студенти, млади личности – ентузијасти кои на светската јавност им ги презентираат нашите достигнувања во роботиката.

– Горд сум што тие ги доближуваат технолошките достигнувања пред нас и создаваат роботи со вештачка интелигенција или машини кои размислуваат. Овие млади личности се граѓани на светот – посочи ректорот Јанкуловски.

RoboMac 2020 го организираат студентите од IEEE Студентска гранка при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје со цел да се популаризираат роботиката и вештачката интелигенција меѓу студентите и младите во Македонија и соседните земји. Студентите, преку работилници и предавања, стекнуваат знаење и искуство за  работа во тимови.

Победниците, секоја година, добиваат медали и сертификати. Студентите ќе се натпреваруваат во шест различни категории Self-racing cars, Maze, Sumo, Machine Learning, Sphero, Line Follower. Завршниот настан на оваа неколкудневна манифестација ќе се случи на 14.03.2020 година (сабота), со почеток во 18 часот во Домот на АРМ.