Институциите ненавремено и несоодветно постапуваат при решавањето на проблемите на ранливите и маргинализирани заедници во услови на кризата со Ковид-19, и во голем број случаи не преземаат мерки, алармираат 52 граѓански организации.

„Од почетокот на вонредната состојба, граѓанските активисти први излегоа на терен, направија проценка на потребите за здравствена заштита, тековно го следат остварувањето на редовните услуги за социјална заштита и секојдневно се обидуваат да ги протолкуваат новите, вонредни мерки. Заврши и вториот месец од вонредната состојба, и не само што нема одговор за дополнителни мерки за превенција туку, не функционираат ни веќе донесените превентивни мерки, ниту редовниот систем на социјална заштита и реализација на социјални услуги. На терен, во Центрите за социјална работа, вработените се недостапни или отсутни од работните места, а некаде дури и грубо ги разбркуваат луѓето кои им се обраќаат за она што им следува“, велат 52-те граѓански организации.

Тие велат дека барања со многу конкретни мерки кои треба брзо да се применат за да се заштитат и помогнат ранливите групи граѓани, се испратени до сите надлежни институции – од Премиерот, Владата, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Градоначалниците и до Главниот и Локалните кризни координативни штабови, но тие или не одговориле или се изјасниле за ненадлежни, или на писмено, „изрецитирале“ што е напишано во законите и уредбите со законска сила.

„Во меѓувреме, гледаме слики и соопштенија од Премиерот и други претставници од власта како промовираат добиени донации во храна, хигиена, заштитна опрема. Секако, добредојдена е секаква помош и поддршка, но сакаме да видиме што прави државата, со каква стратегија (доколку ја има) ќе го олесни овој период, но и како планира да го подобри понатамошното живеење на ранливите групи граѓани. Донесените мерки не се доволни ниту за справување со здравствената и социјална криза, ниту за претстојната економска криза каде што, мерки за овие групи граѓани, воопшто не се предвидени“, стои во соопштението од 52-те организации.