5 ноември – Ден посветен на младите на Конференцијата за климатски промени (КОП 26)

Фото: Гоу Грин

Денешниот ден (5 ноември) е посветен на младите во рамки на Конференцијата за климатски промени на ОН (КОП 26), кој се одвива во Глазгов, Обединетото Кралство.

Мила Јовановска, претседателка на Здружението Гоу Грин, вели дека младите се директно засегнати од климатската криза. Тие најмалку придонеле, но сепак директно ќе ги чувствуваат најлошите последици во наредните години. Затоа е многу важно тие да бидат вклучени во донесувањето на одлуките, националните стратегии, како и во нивната имплементација.

Како што додава таа, и самата Конвенција за климатски промени (UNFCCC) вели дека: „младите се клучни за подигнување на свеста, водење едукативни програми, промоција на одржливо живеење, заштита на природата, поддршка за обновливите извори на енергија, спроведување еколошки навики и спроведување на проекти за адаптација и митигација.“

На овогодинешниот КОП 26 владите ги презентираа националните планови за справување со климатските промени. Планот на Северна Македонија е доста амбициозен, и може да кажеме дека сме лидери во регионот. Но сепак, младите беа исклучени од процесот. Не можеме да се пофалиме дека тие беа активно вклучени во процесот, или барем консултирани, велат од Гоу Грин.

„За да можеме да очекуваме активно вклучување на младите во решавањето на климатската криза, една држава треба да работи најпрвин на образованието, односно да нуди квалитетни и ажурирани образовни програми за сите возрасти (од предучилишна возраст до универзитет), програми кои ги опфаќаат климатските промени преку интердисциплинарен пристап. Понатаму, треба да се поттикнуваат младите да предложат климатски активности, да предложуваат идеи/иновации кои би решиле одредени локални проблеми, да се воспостават канали на комуникација со нив како брзо и ефикасно би се споделувале информации“, посочува Мила Јовановска.

Како младите самоиницијативно да се вклучат во климатска акција?

За да можат да бидат дел од решението, младите мора прво правилно да се едуцираат. Пошироко зборувано, образованието за климатски промени и одржлив развој мора да е вклучено во формалното образование, односно уште од најрана возраст младите да учат на училиште за кои се причините и последиците од климатските промени, потенцираат од Гоу Грин.

Исто така, потоа следи и неформалното образование што го нудат невладини организации, активисти, формални и неформални групи.

„Секој треба да истражи кој делува и работи на климатската криза во неговиот град или регион. Следно е да ги исконтактираат и да се здружат во заеднички акции. Во случај да нема, нека не се обесхрабруваат, зборувајте со пријатели, роднини и познаници, споделете го вашето мислење и загриженост за климатските промени, пробудете ја желбата за учење кај другите и здружете се заедно да делувате“, им порачува Мила на младите од земјава.

Познавањето на причините за климатските промени би требало да ги освестат младите да преземат иницијатива и за личен напредок, односно менување на своите навики и применување на еко-одговорни практики како што се: користење термос за шише, избегнување на еднократна пластика, пазарење во торби, купување облека и храна од одговорни производители итн.

Гоу Грин и младински еко-актвизам

Од Гоу Грин велат дека во своето 11-годишно постоење, имаат едуцирано илјадници млади од нашата држава, кои преку неформалното образование (семинари, обуки, акции на терен) ја осознале важноста на индивидуата во борбата со климатските промени, но уште поважно, научиле како нивниот глас да биде слушнат.

Последните активности на Гоу Грин, заедно со Британската Амбасада во Скопје, беа еко-иновацијата од пет точаци кои произведуваат струја за проекција на филм, како и јаглеродната коцка која на своите ѕидови визуелно ги претставува причините и последиците од климатските промени.

Инспирирани од еко-филмот „Живот на нашата планета“ од Дејвид Атенбороу, како и од сликите на коцката – младите од Скопје и Охрид ја запишаа својата заложба на ѕидовите на коцката. Гоу Грин собрале пораки од над 200 млади лица, нивни заложби: од носење платнена торба, станување веган, до изучување на климатските промени на универзитет итн.

„Пристапот секогаш бил преку едукација да ги освестиме и охрабриме младите да преземат акција. Со “mind bobs” како визуелното прикажување на 125кг СО2, произведената енергија на лице место, или “аха-момент” дека на пример 125кг е всушност 2 недели возење со автомобил, младите веднаш стануваат жедни за промена и акција. Исто така, со поддршка од Министерството за животна средина и Британската амбасада подготвивме и аудио подкасти „Гоу Грин подкаст за климатската криза“ кои се достапни на Spotify во формат привлечен за младите“, вели Мила Јовановска од Гоу Грин.

Само преку правилна едукација, младите ќе може да преземат значителна и правилна климатска акција. Само преку познавање на фактите и изнесување на вистински аргументи, нивниот глас ќе биде чуен и препознаен, вели таа.

Мила упатува апел до младите да ја земат Грета за пример. Таа беше само една средношколка со голема желба за промена, а сега е пример и предводник на младинската климатска акција.

„Конференцијата за климатски промени е многу важна за светските лидери да ги презентираат своите планови, но ние младите мора да правиме притисок за климатска акција, тие договори навистина да се спроведат, да ги потсетуваме дека станува збор за нашата иднина и за нашето секојдневие и здравје кое ќе биде загрозено доколку тие зборови останат само на хартија“, порачува Мила Јовановска од Гоу Грин.