Граѓаните на Скопје најдоцна до април 2020 година ќе се возат во новите еколошки автобуси набавени од германскиот производител „МАН“. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска го потпиша договорот за набавка на 21 единечен и 12 зглобни автобуси со ЕУРО 6 мотори, кои речиси воопшто нема да го загадуваат воздухот во Скопје со планираното намалување за 700 отсто на испуштените ПМ честички.

ЈСП Скопје со секој еден нов автобус годишно ќе заштедува 25.000 евра само преку намалување на потрошувачката на гориво. Дополнително, идните автобуси ќе имаат гаранција од три години, во којшто период јавното претпријатие ќе нема никакви трошоци за одржување на возилата. За разлика од претходно набавените автобуси од Кина, германскиот производител „МАН“ има овластен застапник и сервис во земјава, со што значително ќе се олесни одржувањето на возилата.

Идните автобуси од германски „МАН“ ќе имаат капацитет да примат 85 патници кај единечните возила и 149 патници кај зглобните автобуси, односно речиси двојно повеќе во споредба со сегашниот капацитет за превоз на патници кај двокатните автобуси на Јутонг.

Како што напомена директорот на ЈСП Кристијан Чушков, цената на еден единечен автобус изнесува околу 263.000 евра, додека зглобните автобуси ќе чинат околу 334.000 евра. Тие се набавени со заемот во висина од 10 милиони евра, којшто беше подигнат од ЕБОР за оваа намена.

– Скопје добива автобуски превоз кој нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните кои го користат – изјави градоначалникот Петре Шилегов.

Новите автобуси за ЈСП Скопје ќе ги испорача „Ауто Хрватска“, која достави најповолна понуда на неодамнешниот меѓународен тендер. Ваквиот тип на еколошки автобуси на гас на германски „МАН“ веќе сообраќаат во многу европски земји, меѓу кои и: Норвешка, Унгарија, Шпанија и Полска.