Утре, во 12 часот, пред платото на УКИМ ќе почне вториот студентски марш против предлогот на Владата да се воведе државен испит на факултетите. Студентите ќе маршираат од платото на УКИМ покрај Собранието и ќе го завршат маршот пред Владата на Република Македонија.
Од неформалната студентска организација „Студентски пленум“ повикуваат на мирен марш, без насилство и без истакнување на партиски или национални симболи.
– Повикуваме да нема покажувања на никакви партиски и национални симболи бидејќи сметаме дека тоа ќе предизвика контроверзност и ќе се сфати во негативна конотација, како што и досега нè брендираа дека сме од различни партии од што дефинитивно се оградуваме. Ќе продолжиме да се оградуваме од секакви партиски влијанија и остануваме на тоа дека оваа инцијатива е чисто студентска и сите сме тука како студенти, без разлика кој во која организација, партија, религија или етнос припаѓа. Тука сме само за подобрување на високото образование и ќе се оградуваме и понатаму од такви обележја затоа што со тоа сакаат да го намалат значењето на овој марш – вели Филип Манев од „Студентски пленум“.
Студентите очекуваат поддршка и од студенти од другите градови, професори, како и од средношколци со кои велат дека досега немале официјални разговори.
– Немавме разговори со средношколците меѓутоа сметаме дека тие се способни самите да изградат свој став околу државниот испит и нивно уставно загарантирано право е да протестираат и да го искажат својот став, па затоа мислам дека ќе ни се придружат на маршот. Ќе имаме поддршка и од професорите бидејќи државниот испит ги дискредитира нив, затоа што тој што го предава знаењето треба да биде и тој што ќе го оценува – вели Ана Кнежевиќ од „Студентски пленум“.
Студентскиот марш доби поддршка и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, кој ги повикува новинарите да известуваат со придржување кон професиналните принципи.
Во соопштението се вели дека ССНМ ги повикува своите членови, новинари и медиумски работници, својата солидарност со студентите да ја искажат со придржување кон професионалните принципи, одбивање на наметнатата пропаганда и со борба против автоцензурата на која се принудени во своите редакции.