Сто најголеми нафтени и гасни компании во светот заработиле повеќе од 30 милиони долари секој час во „незаслужен“ профит во првиот месец од американско-израелската војна во Иран, според ексклузивна анализа за „Гардијан“. „Saudi Aramco“, „Gazprom“ и „ExxonMobil“ се меѓу најголемите профитери, што значи дека клучните противници на климатските мерки продолжуваат да профитираат.
Како што пишува медиумот, конфликтот ја зголемил цената на нафтата на просечно 100 долари (74 фунти) за барел во март, што доведе до проценет „воен“ екстра-профит од 23 милијарди долари за компаниите само за тој месец.
Снабдувањето со нафта и гас ќе потрае со месеци за да се врати на нивото пред војната, а компаниите би можеле да остварат 234 милијарди долари до крајот на годината ако цената на нафтата остане околу 100 долари. Анализата се базира на податоци од водечкиот провајдер за енергетска интелигенција, Rystad Energy, обработени од Global Witness.
Овие дополнителни профити доаѓаат од џебовите на обичните луѓе, кои плаќаат високи цени за гориво за своите возила и за енергија во домовите, како и од бизнисите што се соочуваат со повисоки трошоци за енергија. Десетици земји ги намалија даноците на гориво за да им помогнат на граѓаните, што значи дека тие држави, вклучувајќи ги Австралија, Јужна Африка, Италија, Бразил и Замбија, собираат помалку средства за јавни услуги.
Притисокот расте за воведување на даноци на екстра-профитот од војната кај нафтените и гасните компании, при што Eвропската Комисија разгледува барање од министрите за финансии на Германија, Шпанија, Италија, Португалија и Австрија „да испрати јасна порака дека оние кои профитираат од последиците на војната мора да го дадат својот придонес за олеснување на товарот врз пошироката јавност“.
„Тоа би овозможило финансирање на привремена помош, посебно за потрошувачите и би го ограничило растот на инфлацијата, без да се создава дополнителен товар врз јавните буџети“, велат министрите во писмо од 4 април.
Сметката на ЕУ за фосилни горива се зголемила за 22 милијарди евра од почетокот на војната во Иран.
