Дваесет и седум годишник поседувал фотографии и видео записи детска порнографија во неговиот телефон и таблет, по што Основното јавно обвинителство повело истрага,  а во меѓувреме му изрекло повеќе мерки на претпазливост, соопштија оттаму.

„ОЈО Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило продолжено кривично дело – производство и дистрибуција на детска порнографија согласно член 193-а став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик. Осомничениот, сега на возраст од 27 години, одреден период набавувал и поседувал фотографии и видео записи детска порнографија кои ги зачувал на својот мобилен телефон и таблет. Материјалите во форма на фотографии и видеа на кои биле прикажани очигледни полови дејствија со деца ги прибавувал од други лица преку различни интернет апликации, веб страници и форуми“, наведено е во соопштението.

Јавен обвинител предложил да му бидат определени повеќе мерки на претпазливост, кои вклучуваат забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, одземање на патна исправа, повремено јавување во Судот, но и забрана да користи какви било интернет апликации на мобилни телефони и други уреди, како и забрана да одржува какви било контакти со лицата со кои преку интернет профили во странство разменувал детска порнографија.