Едно лице е убиено во престрелка која се случила вчера во Дуќанџик близу Пластичарската улица, информират во Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Синоќа околу 23:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека во близина на раскрсница помеѓу ул. „Прохор Пчински“ и ул.„Војдан Чернодрински“ во Скопје, додека Д.Г. (29), А.Џ. (24), К.Б.(36), Е.Б.(25) и А.М. (26), сите од Скопје стоеле пред излог на фирма, застанал мотоцикл на кој имало две лица, кои пукале со огнено оружје кон групата, по што се дале во бегство. Еден од проектилите го погодил А.М., кој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде починал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираат во МВР.