fbpx

Како грчките студенти го видоа градот: Со грутка во грлото низ „Скопје 2014“

-

Ненадејниот наплив на млади грчки студенти кои гласно и љубопитно го разгледуваа и дисeцираа секој дел од центарот на градот, вчера во Скопје беше дел од научната екскурзија на група од 70 студенти од отсекот за балкански, словенски и источни студии при солунскиот Универзитет „Македонија“.
Mладата Стела Трагуда и нејзиниот колега Стелјос Солемидис се одмараа на плоштадот, речиси веднаш до калливата градежна зона. Ни објаснуваат дека еднодневната посета опфатила разгледување на центарот на градот, на Музејот на македонската борба, предавање на Факултетот за етнологија и антропологија, разговор со претставници од невладината организација Македонски центар за европско образование и посета на грчката Канцеларија за врски. Велат посетата на Скопје е за од прва рака да се запознаат со нашата страна од приказната во спорот, историјата и со тековните политички случувања онака како што се претставуваат кај нас.
– Како студенти и академски граѓани, нѐ интересира да ја видиме и слушнеме и другата страна на приказната. Преку нашето образование во Грција, ја знаеме нашата страна од приказната и сакавме преку посетата тука, да видиме како вие ја претставувате вашата историја за да можеме да направиме една споредба и да имаме поцелосно оформено мислење за целиот случај – вели Стела.
За неа, како студентка, неопходно е младите да не останат ограничени и да ги гледаат работите еднострано. Нејзе и на нејзините колеги, сцените во Музејот на македонската борба им се виделе премногу екстремни, насилни и крвави, особено ако музејот го посетуваат и помади и ученици.
Скопје им оставило позитивен впечаток на динамичен и на развиен град. Стела е вторпат тука по нејзината прва посета во 2010 година. Новиот изглед многу повеќе ѝ се допаѓа од стариот.
– Гледам дека има голем развој, напредок, збогатен е со споменици, изгледа како да има простор за понатамошен развој. Изгледа многу подобро сега во споредба со тогаш, барем визуелно, бидејќи немам чувство за тоа како е во општеството, каков е животот. Она што го гледам е дека има силно напредување и зајакнување на начинот на кој се претставува и се промовира како главен град – посочува таа.
Разговорот полека води кон градбите и кон спомениците кои се пред нас додека разговараме. „Скопје 2014“ создава грутка во грлото, вели Стелјос Солемидис и покрај позитивниот впечаток за напредокот на градот.
– Не би сакал да судам бидејќи не сум дел од градот, но за мене целиот проект со спомениците, зградите, со музејските експонати изгледа малку претеран. Изгледа како да е направена добра работа за развој на градот, Скопје е жив град, луѓето се фини, динамични. Меѓутоа, без да се обидам да бидам критичар, не знам колку е мудро развојот на земјата да се фокусира толку многу на туристичка промоција на зградите и на спомениците во центарот – коментира Стелјос.
Навраќајќи се на целокупната посета на Скопје, тој вели дека можеби би било подобро да се инвестира во други клучни сектори.
– Во разговорот по предавањето на „Св. Кирил и Методиј“ слушнавме дека работат со многу мали фондови и финансии, а од она што ни го презентираа, беше јасно дека прават интересни и квалитетни истражувања. Можеби би било подобро да се инвестира таму отколку да се оди на промоција на овие елементи кои ги гледаме во центарот – забележува тој.
Она што за овие студенти е проблематично е дека проектот го продлабочува јазот на несогласувањето и гласно ги истакнува разликите и проблемот во период кога треба да се работи на надминување на спорот.
– Владите креваат штитови, ѕидови меѓу нас, што создава една негативна слика. Иако врските меѓу народите се добри, секогаш постои една тенденција да се подвлече негативното и лошото и да се спречи секаков обид за создавање добра клима – коментира Стела, со доза песимизам.
М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...