fbpx

Груевски и Заев ја деактивираат бомбата на тајни средби?

-

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и премиерот Никола Груевски, имале неколку тајни средби, шпекулира „Дојче веле“, анализирајќи ги исчекувањата од „бомбата“ што ја најави првиот човек на опозицијата.

„Со оглед дека Заев го стави во залог кредибилетот на раководството на опозицијата, очекувањата на јавноста се подигнати на највисоко ниво. Но, додека неизвесноста трае, во јавноста се зборува дека веќе се одржале две тет-а-тет средби меѓу Заев и Груевски, на кои „бомбата“ била ставена во преговарачка функција, за Груевски да прифати формирање техничка влада, не веднаш, туку постапно, откако ќе се исполнат другите четири барања. Од СДСМ ги демантираа тврдењата дека имало тајни средби Заев – Груевски, од ВМРО-ДПМНЕ ги игнорираа, а и портпаролот на Владата не даде одговор дали се одржале средби меѓу двајцата лидери во интерес на надминување на парламентарната криза“, пишува „Дојче веле“.

Заев речиси два месеци најавува ексклузивна информација по која Владата на Никола Груевски и самиот премиер за три дена ќе поднесат оставка, но и Македонија и граѓаните ќе мора да шетаат со наведната глава поради „злосторствата“ на власта. Тој истата порака ја испраќа од речиси сите трибини кои здружената опозоција интензивно ги практикува изминативе неколку дена.

– Јас сум среќен што СДСМ и опозицијата го имаат тој капацитет да ја направат систематски прецизно и внимателно целата таа документација на аргументи и на докази. И реков јавно: во моментот кога тоа ќе се објави, за три дена Груевски треба да замине од власт, со оставка, но, за жал, честа на Македонија ќе биде повредена и лично верувам дека ќе допре до сензибилитетот на меѓуетничките односи. Мојата верба во доказите и во аргументите, кои потврдуваат дека нема слобода и демократија во Македонија, е толку голема што ги става во залог мојот политички кредибилитет и кредибилитетот на целото раководство на СДСМ. Ако не успееме, тогаш политички не заслужуваме да ја водиме опозицијата – нагласи во Битола лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

На една од последните трибини, лидерот на СДСМ повторно ја фрли ракавицата прашувајќи „каква е таа држава во која премиерот не реагира на заканата од еден лидер на опозиција“.

Оваа ракавица експресно ја прими, а веднаш и возврати владејачката ВМРО-ДПМНЕ, инсистирајќи Заев веднаш да ја „активира експлозивната направа“.

„Веќе подолг временски период опозицијата во нашата држава најавува некакви бомби, изненадувања, пумпа атмосфера и креира некоја лажна еуфорија за сопственото членство.Така, таа бомба, според нив, ќе треба за три дена да ја натера Владата со наведната глава да се повлече, таа бомба задирала во меѓуетничките односи, и во којзнае уште што, таа бомба можела да наштети на државата, но сепак тие, иако не сакале, ќе ја активирале. Таа бомба била многу опасна, па имаше и разни шпекулации што сè содржи таа бомба, па нагаѓања, за кај јавноста да се создаде свесност и исчекување на темите кои опозицијата сака да ги наметне“, стои во соопштението испратено од ВМРО – ДПМНЕ.

Од партијата на власт посочуваат дека со уцени, притисоци и со непринципиелен и неодговорен пристап не се постигнува ништо, а тие тоа ќе го докажат.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...