2020: Годината што ги промени социјалните мрежи и интернетот

социјални мрежи
Речиси и да не постои социјална мрежа, барем помеѓу најпопуларните, која не внесе значителна промена во своите политики во 2020 година / фото: Мета.мк

Со светската здравствена криза како двигател на случувањата, 2020 година го промени животот на луѓето – начинот на кој тие комуницираат, како работат, како се дружат и како пазарат. 2020 година го промени и начинот на кој се користат социјалните мрежи, па донесе и суштински промени во самите платформи и во нивните политики и регулации.

Од борба против дезинформациите преку етикетирање и отстранување на објави, преку закани за забрана и купопродажба на ТикТок, до поголема регулација на технолошките гиганти – годинава социјалните мрежи и интернетот ја завршуваат поинакви и изменети.

Фејсбук, Твитер, Јутјуб, ТикТок, Снепчет, забележаа зголемено присуство на корисници со воведувањето на карантин во целиот свет. Затворени дома за време на полициски час, луѓето ја заменуваа досадата со конзумирање на многу повеќе информации и креирање на многу повеќе содржини од кога било порано.

Речиси и да не постои социјална мрежа, барем помеѓу најпопуларните, која не внесе значителна промена во своите политики. Годината која ќе биде запаметена по светска пандемија беше од круцијално значење за социјалните платформи, тестирајќи ја нивната способност да се справат со многу повеќе содржини, па аналогно на тоа и со многу поинтензивен говор на омраза и повеќе дезинформации.

Потребата да се справуваат со лажните вести околу Ковид-19 им донесе нова улога на Фејсбук и Твитер која тие најверојатно не ја посакуваа – да бидат арбитри на вистината. Технолошките гиганти на почетокот беа критикувани на глобално ниво поради нивната неможност да се справат со дезинформациите на нивните платформи при сите случувања околу пандемијата, а потоа и за време на изборите во САД во ноември.

Во услови на здравствена криза, без преседан во ерата на социјалните медиуми, платформите беа необично смели во преземањето на чекори, па наместо нивната вообичаена неподготвеност да отстрануваат лажни објави, овојпат гласно ги наметнуваа своите агресивни и убедливи мерки.

Во август, Фејсбук објави дека отстранил повеќе од 7 милиони постови кои дезинформираат околу Ковид-19, бројка која до крајот на годината речиси се удвои, а Твитер, меѓу другото, започна со извстување на корисниците кога ќе лајкнат твит со погрешна информација.

Fejsbuk/ Фејсбук
Фејсбук започна со отстранување на објави кои шират дезинформации / Фото: solenfeyissa на Unsplash

Во ноември, пак, откако гласачките места во САД беа затворени, голем дел од објавите на Фејсбук страницата на претседателот Трамп, како и повеќе од една третина од објавите на Твитер, беа обложени со етикети со предупредување и проверка на фактите, што е впечатлива визуелна манифестација за начинот на кој 2020 година го трансформираше интернетот.

Платформите досега претпазливо и независно од било каков политички притисок одбиваа да отстрануваат содржини, но пандемијата покажа дека целосна неутралност е невозможна. Доколку минатата година етикетирањето и отстранувањето на објавите се сметаше за зачудувачко и сомнително, сега истото поминува речиси незабележително.

Но, пандемијата беше само почеток на низата рестрикции на социјалните мрежи. Во октомври, прво Фејсбук, а потоа и Твитер, објавија дека воведуваат забрани и за постови во кои се негира холокаустот, како резултат на зголеменото ниво на онлајн насилство од групи што промовираат омраза и расизам.

Платформите со седиште во САД подолго време го занемаруваа нивното присуство во останатиот дел од светот, но и овој тренд започна да се менува годинава. Твитер ги отстрани твитовите на бразилскиот претседател Болсонаро, како и на венецуелскиот претседател Мадуро заради прекршување на политиките за Ковид-19. Фејсбук, пак, објави неколку мерки за време на изборите во Мјанмар, меѓу кои и етикетирање на лажните тврдења за изборни измами.

На почетокот на пандемијата Фејсбук на своите платформи воведе и нови опции за поддршка на малите бизниси со цел тие полесно да се справат со економските последици.

Јутјуб, од друга страна, едвај делуваше за да се спречи поплавата на дезинформации околу изборните резултати во САД, но затоа и пред пандемијата започна со прилагодување на својот алгоритам за да го намали ширењето на штетни содржини и почна да ги предупредува корисниците пред да објават навредлив коментар.

Социјалните мрежи сега работат на предупредување и отстранување на лажните тврдења поврзани со вакцините, откако во целиот свет започнува процесот на вакцинација на населението.

Твитер ја претстави новата фунцкија, „Fleets“ / фото: Твитер (Twitter)

2020 беше значајна, но и бурна година за платформата за кратки видеа ТикТок. Како вистинска сензација за време на карантинот, ТикТок доживеа метеорски раст, каков што не толку често и лесно се постигнува. Зголемената популарност, од една или друга причина, предизвика платформата да мора да се бори на неколку фронтови. Како што растеше, апликацијата се соочи со забрани во неколку земји, откако одредени групи и влади ја обвинија дека користи софтвер со кој ги испраќа податоците на корисниците до кинеската влада. Набргу по забраната во Индија, започна и долгиот и макотрпен процес кој се закануваше платформата да биде забранета и во САД. Администрацијата на претседателот во заминување, Доналд Трамп, под изговор на страв за националната безбедност, ѝ наложи на „БајтДенс“ да го продаде американскиот дел од компанијата на домашна (американска) компанија или во спротивно ќе ја забрани апликацијата за користење. Крајниот рок беше неколкупати продолжуван, па и по речиси пет месеци тензии и преговори, платформата сѐ уште не падна во рацете на американски сопственик.

ТикТок беше принудена и да воведе нови политики за корисниците заради заштита на малолетните лица, после реакциите дека тинејџерите можат да наидат на секакви штетни содржини таму.

Она што ТикТок го покажа во 2020 година е и увид за огласувачите да се подготват за следната генерација корисници на социјални медиуми, а тоа го забалежаа и искористија и нејзините ривали. Многу постарите Инстаграм и Снепчет, на своите платформи воведоа опции за креирање видеа на ист начин како што тоа го нуди ТикТок.

ТикТок
Круцијална година за ТикТок / фото: visuals на Unsplash

Годинава ја одбележа и друга новина во начинот на функционирање на платформите како места за креирање содржини. ТикТок за првпат им исплати парични средства на своите креатори, а овој пример го следеше и Снепчет, кој објави дека ќе ги наградува најуспешните корисници со својата нова опција.

Зголемената улога на социјалните мрежи во животите на луѓето годинава го крена алармот помеѓу државите околу начинот на кој технолошките компании се регулирани.

Фејсбук веќе е среде наплив на антимонополски истраги на глобално ниво, откако неколку земји ги доведоа во прашање политиките и однесувањето на компанијата и сите нејзини платформи, како и улогата во животот на луѓето. Колку за илустрација, Фејсбук во ноември, меѓу другото, ја лансираше и новата опција за пронаоѓање на партнери. Начинот на кој се користат податоците на корисниците, но и елиминирањето на ривалите за да се доминира во интернет просторот се главните точки околу кои ќе се кршат копјата на властите и технолошките компании во 2021-вата. Сегашните обвиненија покажуваат дека Фејсбук може да ги загуби Инстаграм и Ватсап, а слична антимонополска истрага се спрема и за „Гугл“. Освен западот, чекор понапред во регулацијата на технолошките гиганти прави и Кина, откако во последните денови од декември отвори антимонополска истрага против „Алибаба“.

Своевидниот пресврт за социјалните мрежи во 2020-тата отвори многу прашања, но добивањето на нивните одговори ќе биде долг процес. Се чини дека и следната година ќе биде динамична и бурна, затоа што ќе биде година кога ќе треба да се донесат многу важни одлуки кои ќе покажат како ќе се промени функционирањето на мрежите во иднина и колкаво влијание ќе имаат врз животот на обичните луѓе и случувањата на глобално ниво.