Под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, истражителите од Истражниот центар при обвинителството, со асистенција на МВР, вчера до доцните вечерни часови вршеа претреси на 16 локации низ државата. При претресите се пронајдени и времено одземени фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати од правни лица, а осомничените лица се обезбедени, информираат оттаму.
„Акцијата е резултат на постапувања на Истражниот центар на ОЈО ГОКК и Управата за финансиско разузнавање, по известување на Агенцијата за национална бебедност (АНБ), при што беа обезбедени докази за основано сомнение за кривични дела од финансиска природа. Врз основа на ова отворивме предмет и донесовме наредба за спроведување истражна постапка против 20 лица кои го оштетиле буџетот на државата за 297.733.844 денари или 4,8 милиони евра“, се навдува во соопштението од ОЈО ГОКК.
Како што се додава, првоосомничениот, српски државјанин и сопственик и управител на две правни лица, заедно со двајца службеници од УЈП – Регионална дирекција Скопје, во 2023 година формирале група со цел вршење на кривични дела даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службена положба.
„Во периодот 2023–2025 година, во групата биле вклучени и други сопственици, управители и вработени во правни лица во Скопје и Гевгелија. Со прикажување неточни податоци во даночните пријави и со помош од даночни службеници од УЈП, во периодот 2023–2024 година првоосомничениот избегнал плаќање данок во износ од 11.593.403 денари (околу 188.000 евра). Останатите осомничени сопственици и управители на правни лица со лажни пријави побарале, а осомничените вработени им одобриле неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица со што е нанесена штета на буџетот во износ од 31.175.168 денари (безмалку 507.000 евра). Некои од осомничените во истиот период вршеле трансфер и подигање парични средства со цел прикривање на потеклото на парите прибавени со кривични дела, во вкупен износ од 91.985.197 денари (околу 1.495.743 евра)“, се додава во соопштението.
Досегашните прибрани докази упатуваат дека осомничените вработени во УЈП – Регионална дирекција Скопје, од кои дел на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби на службената положба, нанеле вкупна штета на Буџетот на РСМ од најмалку 162.980.076 денари (околу 2.650.000 евра).
„Јавниот обвинител ценејќи ги околностите утврди дека се исполнети условите за определување на мерката притвор за десет осомничени и на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи на осум лица да им определи мерка притвор, додека за две лица истата е веќе определена во предметот поврзан со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ. За останатите 10 лица јавниот обвинител предложи мерки за обезбедување присуство меѓу кои и забрана за вршење на работни активности поврзани со кривичното дело и работни активности како службени лица во УЈП“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
