На годинашното полагање на државна матура, 172 ученици се обидоа да се надмудруваат со системот, со што ризикуваа и си го одложија завршувањето на средното образование. Следното полагање започнува во вторник на 12 август, ова го изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, која заедно со директорката на Државниот испитен центар, Даниела Михајловска, денеска одржаа прес-конференција. За споредба, пред три години, повеќе од 3.000 матуранти беа фатени како препишуваат на испитот по англиски јазик, што беше повод годинава испитот на зрелоста да се реализира во поголеми простории, каде што шансите за препишување ќе се намалат.

Според годинашните резултати, учениците имаат просек кој е повисок од ланскиот. Голем дел од учениците испитите ги полагаа во амфитеатри и предавални во најблиските факултетите и според надлежните, не биле евидентирани масовни прекршувања на правилата како во минатото.

„За полагање се пријавија 15.004 матуранти, а 3% од нив не се појавија на испит. Просечната оценка која ја постигнаа оние што полагаа е 3,69, што е значително подобрување од ланската, која изнесуваше 3,26. По сите предмети имаме подобрување на постигнувањата и тоа сметам дека е плод на добрата подготовка на учениците и препораките кои ги дадовме до сите чинители на процесот“, рече Јаневска.

Таа информираше дека не биле евидентирани препишувања како во изминатите години кога цели групи по илјада, две илјади ученици, организирани најчесто преку апликации за комуницирање и со користење на мобилни уреди, имаа до збор идентични одговори.

Михајловска информираше дека по однос на резултатите биле поднесени 507 приговори, а 75 ученици извршиле увид во тестовите. Просечниот успех по мајчин јазик е 3,68, за разлика од лани кога изнесуваше 3,37.

Просечната оценка по англиски јазик е зголемена од 3,06 на 3,65. Постигањата по математика изнесуваат 4,14 и се подобри од ланските 3,73. Учениците кои полагаа француски јазик остварија просечна оценка од 4,67, повисока од ланската 4,47. По германски јазик просечната оценка е 4,42, за разлика од јуни 2024 година кога изнесуваше 4,33. По естетика просекот е 4,93 и е повисок од ланскиот 4,63.

Оние матуранти кои не полагаа матура во јунскиот испитен рок, може да полагаат мајчин јазик на 12 август, а странски јазик, математика, естетика и филозофија на 14 август. Полагањето на интерните испити е од 15 до 20 август, а проектната задача треба да ја одбранат во периодот од 19 до 26 август.