Полицијата утрово уапсила 16 годишник од Охрид под сомнение дека обљубил 12 годишно девојче, а друг малолетник го снимил чинот, информираат во СВР Охрид.

„Утрово во 10 часот полициски службеници од СВР Охрид лишија од слобода 16 годишник од Охрид поради сомнение дека на 12 ноември извршил обљуба врз 12 годишно девојче од Охрид, а друг малолетник го снимал чинот. До видео-материјалот дошол 14 годишник од Охрид, кој го уценувал девојчето да биде со него, во спротивно ќе го објавел видеото“, се наведува во соопштението.

Од СВР Охрид информираат дека преземаат мерки за пронаоѓање и на малолетникот што го уценувал девојчето.

„Врз малолетничката е извршен медицински преглед, а полициски службеници и претставници на Центарот за социјални работи Охрид, во присуство на родител, извршија службен разговор. По целосно документирање на настанот, во консултација со јавен обвинител, против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави“, се додава во соопштението.

Во меѓувреме, од МВР стаса уште една информација за обљуба врз малолетничка.

„Вчера во 16:30 часот во СВР Скопје 44 годишна жена од Скопје пријави дека на 4 октомври, малолетник  извршил обљуба врз нејзината малолетна ќерка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, наведено е во информацијата од МВР.