12-годишната Лили се бори против загадувањето со пластика во Тајланд

Лили Сатидтанасарн подучува деца од градинка за потребата да се прекине со користење пластични предмети за една употреба во општеството. Фото од страницата на Фејсбук „Бај бај пластични кеси Тајланд“ (Bye Bye Plastic Bags Thailand).
Лили Сатидтанасарн подучува деца од градинка за потребата да се прекине со користење пластични предмети за една употреба во општеството. Фото од страницата на Фејсбук „Бај бај пластични кеси Тајланд“ (Bye Bye Plastic Bags Thailand).

12-годишната Рајлин Сатидтанасарн, позната како Лили е една од учесниците на протестот од 20 септември при кој тие симулираа „умирање“  пред Министерството за природни ресурси и животна средина на Тајланд, со цел да го симболизираат влошувањето на климатската криза. Тоа беше дел од глобалниот штрајк за климата кој го иницираа претежно млади луѓе низ целиот свет со цел да ја нагласат потребата за итна акција со која ќе се запре брзото загревање на планетата.

Лили е позната во Тајланд по застапувањето да се намали користењето пластика. Во последните четири години таа има разговарано со функционери, директори на фирми и граѓански лидери со цел да се намали загадувањето предизвикано со користење пластични предмети за една употреба.

Нејзините напори успејаа да го свртат вниманието кон алармантното ниво на пластичен отпад во Тајланд. Благодарение на нејзиното застапување супермаркет во Бангкок престанал да нуди пластични кеси по еден ден во неделата.

Во интервју за „Глобал војсис“ преку „ВатсАп“ овозможено од нејзиното семејство, Лили рече дека не е сигурнаа дали треба да се нарекува себеси застапник за животната средина бидејќи смета дека нејзината работа е поголема одговорност:

„Се чувствувам одговорна да сторам нешто во врска со тоа сега. Не знам дали сум застапник за животната средина како што ме нарековте. Јас само сакам да направам нешто со што ќе помогнам. Моето семејство секогаш ме учи дека ако може да направиме нешто со што ќе помогнеме, дека треба да го сториме тоа. Видов дека таму каде што живееме има многу нерешени прашања и знам дека дури и децата како мене може да променат нешто во врска со нив, па го правам тоа. Исто така не е доволно ако само јас самата направам нешто. Сите треба да дојдат и да помогнат. Владата и луѓето на власт исто така. Можам да им кажам на другите да помогнат со тоа што ќе ги известам за проблемите и дека и тие може да направат нешто во врска со тоа“.

Лили се загрижила за животната средина на осумгодишна возраст кога видела пластичен отпад на плажа додека била на одмор со семејството.

Лили ги сподели некои од предизвиците и тешкотиите со кои се соочила додека се обидувала да допре до властите и лидерите во општеството:

„Возрасните мислат дека правам некаква домашна задача или училишен проект. Тие не ме сфатија сериозно, но јас продолжив да им праќам е-пошта и сега тие ме сфаќаат сериозно. Имав состаноци со нив и им ги претставив моите идеи и им покажав што имам направено до сега. Луѓето ќе ме следат не затоа што имам мислење или знаење за нешто. Луѓето ќе ме следат бидејќи го правам тоа, бидејќи им покажав дека ја направив промената“.


Многу медиумски објави ја опишуваат Лили како „Грета Тунберг од Тајланд“, поврзувајќи ја со 16-годишната девојка активист за климата од Шведска која стана популарна икона на глобалниот климатски штрајк. Ова е реакцијата на Лили:

„Грета ми е многу важна. Таа е симбол дека децата имаат моќ да направат промени и јас веќе одамна верував во тоа. Не мислам дека сум Грета од Тајланд. Јас сум си своја. Така што, јас сум Лили. Јас живеам во Тајланд и јас сум граѓанка на светот. Земјата е наше заедничко добро“.

Лили го упати следното потсетување до тајландските државните функционери:

„Мислам дека ако Владата се согласува дека животната средина е важна, тогаш треба да прогласат дека сме во криза во сите делови на Тајланд. Со децении имаме сериозни суши и поплави. Толку многу морски животни умираат од јадење пластика. Останати ни се само 34% од тајландските дождовни шуми. Ги трошиме фосилните горова. Наскоро ништо од нема да остане. И имаме толку многу нови фабрики и ја зголемуваме испуштањето на јаглерод во атмосферата. Зароа, со сите проблеми со кои се соочуваме, треба да прогласиме климатска вонредна состојба за Тајланд“.