Делчев и Тито
Илустрација: Гоше Николов / фотографии: Wikimedia Commons

Две значајни историски личности од македонското минато се врзани со денешниот ден – четврти мај е датум на смртта на револуционерот Гоце Делчев, како и на креаторот на поранешна СФРЈ, Јосип Броз Тито.

Иако живееле во различни времиња и општествени околности, личностите на Делчев и Тито оставиле длабок печат во македонската историја. Едниот останува запаметен како бескомпромисен борец за самостојна македонска држава, а другиот по неговиот успех во поразот на фашизмот и окупацијата на земјата и сузбивањето на националистичките чувства. И двајцата се бореле за слобода на народот.

На денешен ден во 1903 година бил убиен Гоце Делчев – македонски револуционер, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно национално ослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Гоце Делчев денес е национален херој и се слави како еден од најголемите чинители во создавањето на македонската национална држава.

Бил роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Во 1896 година учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО, а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

Делчев бил убиен на 4 мај 1903 година, во селото Баница, на пат кон Сер.

Неговите посмртни останки се чувале во Баница, по што биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Токму на 11 октомври пет години претходно, во 1941 година, започнало народното востание на македонскиот народ за ослободување од фашистичкиот окупатор. Овој ден се празнува како државен празник

Помеѓу најзапаметени изреки на Делчев се онаа дека го разбира светот како „единствено поле за културен натпревар меѓу народите“ и дека се бори за „слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население“.

Седумдесет и седум години по смртта на Делчев, на истиот ден во Љубљана починал доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија – Јосип Броз Тито. Тито бил долгогодишен лидер на Комунистичката партија на Југославија и командант на нејзините вооружени сили и ја предводел Југославија во Втората светска војна. По војната бил премиер, а подоцна и претседател на државата.

Јосип Броз Тито бил еден од основачите и прв генерален секретар на Движењето на неврзаните – организација родена во текот на Студентата војна помеѓу капиталистичкиот Запад и социјалистичкиот Исток и во која биле обединети неколку земји што не припаѓале на ниеден од двата доминантни блока – НАТО и Варшавскиот пакт.

Погребан е на Дедиње во Белград, во „Куќата на цвеќето“. Неговиот погреб, според бројот на политичари и државни делегации, се смета за еден од најголемите во светската историја на дваесеттиот век.

Четириесет и една година по неговата смрт, личноста и делото на Јосип Броз Тито се подложни на спротивставени мислења. За едни тој е симбол на социјална правда, подобар и посигурен живот и голем надворешнополитички углед, а за други диктатор со огромна политичка моќ кој се пресметувал со политичките неистомисленици.