Република Северна Македонија ја доби втората транша во висина од 11 милиони долари од грантот од САД наменет за развојната цел „Република Северна Македонија е просперитетно, самоодржливо и инклузивно демократско општество“.

По тој повод денеска се одржа средба на која учествуваа заменик – министерката за финансии, Ширет Елези и претставник на УСАИД во Република Северна Македонија, Ненси Годфри. На средбата се потпиша Амандман на Договорот за грант меѓу Република Северна Македонија, претставувана од Министерството за финансии, и Соединетите Американски Држави, претставувани од Агенцијата на САД за меѓународен развој, УСАИД.

Со склучување на овој Амандман, УСАИД  го зголеми и планираниот износ на средства за оваа развојна цел на 25,5 милиони долари.

Заменик – министерката за финансии, Ширет Елези истакна дека договорот е од особена важност за нашата држава.

– Средствата се наменети за активности што ќе овозможат зголемен раст на приватниот сектор, поголема вклученост на граѓаните во носењето на одлуките, зајакнато добро владеење и подобрена кохезија во општеството – нагласи таа.

На денешното потпишување беше истакнато дека проектите имаат за цел да ја зајакнат конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија, да го подобрат пристапот до финансии, да создадат поедноставено деловно окружување и да обезбедат поголема енергетска сигурност.

Програмите кои допрва ќе се реализираат се во насока на јакнење на граѓанското општество и зголемување на професионалноста на независните медиуми. Со цел зајакнување на доброто владеење, обезбедена е помош за градење на капацитетите на извршната власт, законодавните тела и националните изборни тела. Воедно, во насока на зајакнување на врските меѓу заедниците, со овие средства ќе се поддржат активности кои ќе ја подобрaт меѓуетничката интеграција и ќе го зголемaт вклучувањето на маргинализираните групи во општеството.