101 година од раѓањето на Конески: Да продолжиме да пишуваме на македонски

Блаже Конески | Фото: enciklopedija.hr

Пораката да продолжиме да пишуваме на македонски јазик е една од оние што Конески ни ги остави како аманет, вели во интервју универзитетската професорка Весна Мојсова-Чепишевска, на денот кога се навршува 101 година од раѓањето на Блаже Конески.

Конески е роден во селото Небрегово на 19 декември 1921 година. Основно училиште и нижа гимназија завршил во Прилеп, а студиите по славистика ги започнал во Белград, а ги завршил во Софија.

Како научник-славист, Блаже Конески ги направил најголемите чекори за македонскиот литературен јазик. Тој беше првиот претседател на Македонската академија на науките и уметностите и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик.

Во интервјуто на Иван Антоновски со Мојсова-Чепишевска првично објавено на Независен.мк, професорката посочува дека треба одново со пиетет да ѝ се навратиме и на книжевната историја и порачува дека со вреднувањето и истражувањето на опусот на Конески не смееме да запреме и да му посветуваме внимание само тогаш кога има повод.

Кон крајот на минатата година Мојсова-Чепишевска ја објави нејзината книга „Конески како тестамент“, која е резултат на близу дведецениска научна посветеност. За оваа книга и за континуираните остварувања во културата, авторката ја доби наградата „13 ноември“.

„Иако сите мислиме дека го читаме неговото творештво и пишуваме за Конески, мислам дека сè уште не го познавме доволно. Никој од нас, барем оние кои сме современици на децениите на XXI век не го познава Конески целосно, туку познава само едно делче од него. Треба уште многу да сториме за да го спознаеме колку што заслужува… Мислам дека напишаното од Конески треба постојано да го читаме. Оти во него треба да го гледаме ороводецот на нашето „Тешкото“ – оној што се качува на тапанот и ги поведува другите и им е пример“, вели во интервјуто Мојсова-Чепишевска.

Целото интервју може да се прочита на овој линк.