02 Иницијатива ќе предложи амандмани на законите за управување со отпад, бараат регулативата да биде применлива на терен

Фото: Архива на Мета.мк

За нас клучно треба да биде носењето на закони кои ќе овозможат подобра состојба на терен, а не дали законите се од збор до збор препишани од ЕУ регулативата без осврт на нашата реалност, велат за „Мета.мк“ од граѓанската 02 Иницијатива во однос на пакетот закони кои се однесуваат на управувањето со отпад, кои се наоѓаат на разгледување во Собранието на РСМ.

Откако со мнозинство гласови минатата недела двата предлог закони за управување со отпад и за управување со пакување и отпад од пакување беа симнати од собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, од 02 Иницијатива велат дека ги составуваат забелешките во рамките на Граѓанскиот инспекциски совет, кои во форма на предлог амандмани ќе бидат доставени до пратениците.

„Ќе почекаме да видиме што ќе се случи, притисокот е голем од двете страни, инволвирани се доста субјекти. Се надеваме дека на крај ќе дојдеме до решение кое нема да е само декларативно, со препишани европски регулативи, кои на терен некаде се неприменливи и се можна основа за уште полоша состојба“, велат од 02 Иницијатива.

Од граѓанската иницијатива додаваат дека нивните реакции датираат уште од есента 2019 година, кога заедно со други 40 граѓански формации организирани под заедничка платформа – Зелен Фронт, побарале одредени итни измени во постоечките закони за отпад.

„Тогаш, меѓу другите барања, побаравме и измена за забрана за увоз на отпад кој би се користел како енергенс и јавно укажавме дека таква можност за увоз постои и во новиот предложен закон и дека не треба да се дозволи заради фактичката состојба на терен и проблемот со контрола на што сè се увезува и како“, додаваат од 02 Иницијатива.

Воедно, од 02 Иницијатива посочуваат дека на јавната расправа која Министерството за животна средина ја одржало во декември 2019 година биле поканети не цели два дена пред да се одржи таа за целиот сет од шест закони. Во периодот откако законите за отпад беа повторно поставени во Собранието изминатиот месец, тие реагирале и побарале став по однос на одредени предложени амандмани и измени по овие закони од пратениците-членови на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени. Меѓутоа, одговори од пратениците кои се дел од владејачкото мнозинство не добиле.

Последниот чекор беше барањето за јавна расправа од минатата недела, додека сè уште постоеше таква можност, велат од 02 Иницијатива.

„Јавна расправа во Клубот на пратеници организирана од МЖСПП и во Собранието не се воопшто исти нешта. Собранието е законодавниот дом, каде пратениците ги носат законите и тие како наши директни претставници треба да ги употребат сите алатки на располагање кога носат закони од широк интерес“, додаваат тие.

Како и многу пати досега, предлог законите за управување со отпад и нивната содржина беа ставени во втор план пред партиските препукувања меѓу власта и опозицијата за тоа кој колкаво мнозинство имал во собраниската комисија минатата недела.

Од 02 Иницијатива велат дека доколку има политичка волја, и со јавна расправа што ќе ја организира Собранието на РСМ има време за да се донесат пакетот закони за управување со отпад до крајот на годинава, а може и пред редовниот годишен Извештај за напредокот на нашата земја што го изготвува Европската Комисија.

„Доколку се носат само закони кои на терен оставаат простор за манипулација или нивно изигрување и нивна делумна имплементација, можеме да се фалиме само со мртов и лош закон, неприменлив, а не со решавање на проблемите. Нас нè интересира решавањето на проблемите, а не создавањето на нови“, посочуваат од 02 Иницијатива во однос на пакетот од вкупно шест закони за управување со отпад.

Станува збор за предлог – законите за управување со отпадот, на законот за проширена одговорност на производителот во управувањето со посебни текови на отпад, на законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, на предлог законот за управување со дополнителни текови на отпад во системот за проширена одговорност на производителите, на предлог законот за управување со пакување и отпад од пакување, како и на предлог законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори.

Од вкупно шест, четири закони го поминаа второто читање во средата во Собранието на РСМ на Комисијата за европски прашања и ќе се најдат на усвојување пред пратениците на една од наредните собраниски седници.

Минатата недела, 02 Иницијативата заедно со триесетина други здруженија на граѓани и високообразовни установи од земјава побараа Собранието да организира јавна расправа пред да се усвојат предложените закони за управување со отпад и за управување со пакување и отпад од пакување. Тие побараа и да не се дозволи увоз на РДФ отпад во земјава како енергенс, што пак од Министерството за животна средина и просторно планирање беше прифатено.