fbpx

Ќе има ли збогум за јагленот и нова иднина во производството на струја?

-

Каква енергетска перспектива не очекува? Дали и после 20 години РЕК „Битола“, најголемиот, главен, производител на струја во земјава, ќе престане целосно со работи или ќе продолжи со нова опрема и нови ископи на јаглен? Дали ќе има инвестиции во нови енергетски капацитети од домашни, обновливи извори на енергија, кои ќе ја намалат увозната зависност од струја и емисијата на штетни гасови? Кои решенија се најдобри и ќе имаат најголеми економски придобивки за државата и ќе донесат сигурна снабденост со електрична енергија?

Одговорите на овие и на многу други прашања од енергетскиот сектор, повеќе од десет години наназад експертите ги нудат во стратегии за развој, кои во практика доживеаја никаква или минимална реализација. Како ќе се одвиваат работите со најновата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, останува да се види, иако е сигурно дека поради ситуацијата со корона вирусот, одложена е за подолг период одлуката на Владата кое од трите понудени сценарија ќе се прифати и ќе почне да се имплементира.

Според Владимир Сарач од Агенцијата за енергетика, Стратегијата е избалансирана со мерки и активности кои ќе придонесат за поголемо производство на електрична енергија и намалување на влијанието врз климатските промени и заштита на животната средина.

„Всушност, се до почетокот на кризата предизвикана од корона вирусот, се водеше интензивна кампања и се спроведуваа голем број на активности во врска со поголемото искористување на обновлите извори на енергија. Агенцијата за енергетика силно веруваше дека ќе се постигнат огромни резултати во енергетскиот сектор, но за жал, рецесијата во која се наоѓаме ќе ги поремети нашите очекувања. Во секој случај, како мала земја, штетите кои ги очекуваме ќе бидат поподносливи во споредба со поголемите земји и економии“, вели Сарач.

Инаку, во Стратегијата се нудат три сценарија, референтно, за умерена транзиција и зелено сценарио. Планираните инвестиции во наредните 20 години се меѓу 8 и 17 милијарди евра. Референтното предвидува продолжување на работата на РЕК „Битола“, со нови инвестиции и нови ископи на јаглен, со сценариото за умерена транзиција се предвидува негово постепено престанување со работа, за сметка на поголема употреба на гасот како енергенс, додека зеленото сценарио значи производство на енергија само од обновливи извори на енергија, ОИЕ.

Последниов документ за енергетиката е многу поразличен од претходните, пред се во однос на нејзината структура, но и суштински, коментираат експерти и учесници во неговата изработка. Тој базира на најновите препораки од ЕУ, а покрај енергетиката, вграден е и дел за климатските промени. Документот базира на пет столбови: енергетска ефикасност, декарбонизација, интеграција и безбедност на енергетските пазари, истражување, иновации и конкурентност и правни и регулаторни аспекти. Во однос на предходните вакви документи, во Стратегијата сега се засилени мерките за енергетска ефикасност како еден од најголемите домашни ресурси, како и инвестирањето во обновливи извори на енергија. Исфрлени се како инвестиции проектите Бошков мост и Луково поле, како и изградбата на мали хидроцентрали во заштитени подрачја, потоа не се планира изградба на нови термоелектрани на јаглен, се препорачува затворање на ТЕ Осломеј и искористување на локацијата и приклучокот за изградба на соларна електрана.

Во однос на петте столбови се дадени и трите сценарија за реализација и очекуваните резултати од секое од нив.

„Се покажува дека од „зеленото“ сценарио ќе имаме најголеми придобивки, гледано долгорочно, но за него се потребни и најголеми вложувања. Придобивките се економски, како и во однос на намалување на емисиите на стакленички гасови и намалување на локалното загадување. Најмногу средства се очекува да се вложат во енергетската ефикасност како и во обновливи извори на енергија. Според наши последни пресметки, ова сценарио може да придонесе за отворање на најмалку 6.000 нови или редефинирани домашни работни места, во кои не се вклучени работните позиции за изградба на големите хидроцентрали, како „Чебрен“ и електро-централите на „Вардарска долина“, појаснува Александар Дединец, научен соработник во МАНУ за енергетика и животна средина.

Тој додава дека иднината на РЕК „Битола“ многу неизвесна, посебно ако се воведе задолжителен данок за емисиите на ЦО2 што ќе има значително влијание врз работењето на Комбинатот.

Во референтното сценарио се претпоставува дека ќе има зголемување на цената на данокот на СО2 до 2040 година, до 30 евра по тон, и повеќе (моментално е 27 евра по тон, на ниво на ЕУ). Во тој случај РЕК „Битола“ може да продолжи да работи, но ќе мора претходно да инсталира опрема за десулфуризација и дополнително на тоа, да се отвори и нов рудник на јаглен. Таа инвестиција изнесува меѓу 200 и 250 милиони евра. Ако се претпостави дека данокот ќе изнесува над 30 евра за тон, тогаш работењето на РЕК „Битола“ се доведува во прашање, односно овој Комбинатот нема да биде конкурентен на пазарот на електрична енергија.

„Единствено останува да се фокусираме на обновливите извори на енергија ОИЕ. Тоа значи дека најголем дел од инвестициите се предвидуваат во делот за енергетската ефикасност, а потоа во обновливи извори. Државата треба прво да создаде клима за инвестирање во ОИЕ, но и активно да се вклучи во изградбата на големите, пред се хидро проекти, како „Чебрен“ и „Вардарска долина“.

Да, „Чебрен“ е повторно во игра и во најновата Стратегија, но овој пат улогата му е многу поголема. За да се оствари поголем продор на променливите ОИЕ (ветерни, сончеви и мали ХЕ) потребна е изградба на реверзибилната хидроелектрана „Чебрен“ – хидроелектрана слична по конструкција на акумулационите, но со големи пумпи кои во време на помалку потрошена струја, ја враќаат водата во акумулационо езеро, а при недостиг на енергија, ослободуваат вода од акумулацијата и произведуваат струја кога е попотребна и поскапа.

„Вакви електрани служат за балансирање на производството и потрошувачката во електричната мрежа“, објаснува Дединец.

Поради тоа што ОИЕ внесуваат нестабилност во системот, со „Чебрен“, од една страна ќе се зголеми можноста за дополнителни инвестиции во ОИЕ, но без притоа да се наруши сигурноста во снабдувањето. Нешто што ја зголемува вредноста на „Чебрен“ сега, е тоа што, се отвора нов пазар за вакви капацитетите, а тоа е пазарот за балансирање, на кој цената на струјата е многу поголема во споредба со цената на конвенционалниот пазар.

„Ако се гледа само конвенционалниот пазар, „Чебрен“ никогаш нема да биде исплатлив. Треба да се потенцира дека „Чебрен“ повеќе пати ќе ја користи истата вода од Црна Река за производство, кога цената на струјата ќе биде пониска, ќе се враќа водата назад во вештачкото езеро. Сакам да потенцирам дека во новата улога на „Чебрен“, водотекот на Црна Река нема да е од пресудно значење за неговото работење“, вели Дединец.

Оваа Стратегија е нешто сосема ново и амбициозно за енергетскиот сектор, пред се затоа што во нејзиното изготвување беа вклучени и граѓанските организации, активни во полето за заштита на животната средина, кои оценуваат дека фокусот треба да се стави на зеленото сценарио и во инвестиции во чисти начини на производство на струја, заради заштита на човековото здравје.

„За прв пат гледаме зелено сценарио кое прави видлива трансформација на системот во линија на заштита на животната средина и намалување на емисиите. Токму тоа се покажува како најекономски исплатливо и покрај големите инвестиции. Доколку вложиме во чисти и одржливи начини на производство на енергија, тоа позитивно ќе се одрази на заштитата на човековото здравје и на животната средина, а со тоа и на економијата. Во ова, но и во сценариото со умерена транзиција, планиран е престанок на работата на РЕК „Битола“, што значи дека емисиите од фосилните горива значително ќе се намалат. Но, за ваквиот процес не е доволна само законска регулатива туку треба да се започне да се работи на локално ниво, со проекти и иницијативи, бидејќи начинот на кој ќе се развие регионот, по затворањето на термоцентралите, ќе се одрази на луѓето кои таму живеат“, вели директорката на Здружението на граѓани „Еко-свест“, Ана Чоловиќ Лешоска.

Примерот со изградба на соларна централа на местото на рудникот за ТЕЦ Осломеј, според неа, покажува дека, ако правилно се примени зеленото сценарио, ќе се овозможи комплетна транзиција на целиот регион. Односно дека вкупната економија, наместо да зависи од производството на струја од лигнит, ќе биде „зелена“, што значи нови работувања, просперитет во регионот и одржливост. Туризмот, земјоделството, културата, децентрализираното производство на струја од соларните покриви – сето тоа ќе придонесе регионот да заживее и младите да не се иселуваат.

Соред „Еко-свест“, спорна останува хидроенергијата. И покрај заложбите на граѓанските организации за стопирање на развојот на малите хидроелектрани, Стратегијата планира дополнителни 50-тина вакви објекти. Во комбинација со непредвидливите климатски услови, малите ХЕЦ можат да нанесат неповратни штети на реките и екосистемите. Тука спаѓа и контроверзниот проект „Вардарска долина“, составен од повеќе хидроцентрали што ќе го поплават и сегментираат течението на Вардар. „Граѓанскиот сектор стои цврсто на ставот дека за овие проекти мора да има строги стандарди и тие да не се дозволат за изградба во заштитени подрачја. За тоа е потребен просторен план, кој е веќе во фаза на изработка, и така енергетското планирање и просторното планирање, ќе се синхронизираат, а штетата ќе се минимизира“, вели Чоловиќ Лешоска.

Во изминатите години, за жал, многу малку е инвестирано во нови производствени енергетски капацитети. Во последните 30-тина години се изградени само ХЕЦ „Козјак“ и ХЕЦ „Св. Петка“ на реката Треска, и двете приватни централи, ТЕ-ТО Скопје и „Когел“. Не е благовремено инвестирано ниту во отворање на нови рудници на јаглен, ниту во прилагодување на термоелектраните со прописи поврзани со емисиите на гасови. Состојбите се нешто подобрени во последниве години со изградба на околу 70 мегаватни (мгв) мали хидро-електроцентрали, 37 мгв ветерни, 18 мгв соларни и 7 мгв електрани на биогас. Во смисла на нови инвестиции се и двата тендера за изградба на сончеви електрани на државно и на приватно земјиште, со јачина од околу 65 мгв., тендерот за јавно приватно партнерство за сончева електрана во Осломеј од 100 мгв како и тековниот тендер за изградба на ХЕЦ „Чебрен“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.