Јутјуб ќе престане да прикажува видео реклами за деца

Јутјуб најавува дека ќе престане да ги користи децата како целна група за реклами. aмериканската Федерална комисија за трговија (Federal Trade Commission – FTC) неодамна ја обвини најголемата веб платформа за видеа дека го прекршила законот за заштита на децата до 13 години според кој е забрането тие да бидат цел на рекламен материјал, бидејќи сè уште не се доволно развиени за да можат да разликуваат што е, а што не е реклама. Со оваа промена се проценува дека Јутјуб, инаку во сопственост на гигантот Гугл, на годишно ниво ќе изгуби десетици милиони долари од профитот. 

До сега на Јутjуб токму децата се покажале како највредна публика од која креаторите можат да направат најмногу пари. Доказ за ова е и најпрофитабилниот канал минатата година.

Според Форбс, најпрофитен канал за 2018 година е канал со име Ryan Toys Review кој минатата година заработил 22 милиони долари. Содржината на овој канал е наменета токму за деца од предшколска возраст и во видеата е прикажан Рајан кој има 7 години, како си игра, покажува и рекламира различни играчки. FTC моментално има поднесено жалба и конкретно за овој канал, велејќи дека овој канал ги прекршува правилата бидејќи во содржината не е доволно јасно истакнато што е реклама, а што е оригинална содржина.

Ваквите високи заработки од содржини наменети за деца, доведува и до тоа многу креатори да ја злоупотребуваат оваа можност. Класичен пример за тоа беа видеата со костуми од Спајдермен и Елса кои до неодамна постојано беа меѓу најпопуларните видеа на Јутjуб, иако голем дел од овие видеа имаа содржини несоодветни за деца.