fbpx

ЈСП парадокс: Нема бесплатен годишен билет за студентите што редовно си ги полагаат испитите

Студентите можат да го продолжат важењето на билетот, само ако имаат заверено зимски семестар и во индексот имаат запишано повеќе од два неположени испити

-

Редовните студенти кои посетуваат предавања на универзитетите, а кои на време си ги полагаат испитите, немаат право на бесплатен годишен студентски билет од Јавното сообраќајно претпријатие. Во група на Фејсбук, студентка од универзитетот „Гоце Делчев“ која студира на дисперзирани студии во главниот град, реагира дека била одбиена кога сакала да ја продолжи важноста на слободната карта, со образложение дека сите испити ѝ биле положени, поради што не ѝ следувало бесплатен превоз.

Контактиравме со девојката која тврди дека ова им се случило и на други студенти.

– Во две билетарници, вработените ми рекоа дека треба да имам три неположени предмети за да можат да направат да ми важи слободната карта. Јас сега сум трета година, а мојот факултет е со четири години. И ова не ми е кажано само мене, туку и на други студенти. Зимскиот семестар е во тек, сега е испитна сесија и се полагаат испити, но јас повторно морам да одам на факултет со автобус. Зарем треба сега да „паднам“ испитите за да добијам право на превоз? – револтирано прашува студентката, која инсистира да остане анонимна.

Сега превозот од дома до факултет ја чини 160 денари дневно, пари со кои вели дека се хранела кога не плаќала превоз.

Дека право на бесплатен превоз немаат студенти кои на време си ги положуваат испитите, ни потврдија и во ЈСП Скопје. Според нивното објаснување, студентите можат да го продолжат важењето на билетот, само ако имаат заверено зимски семестар и во индексот имаат запишано повеќе од два неположени испити.

– Имајќи ги предвид студиските програми и начин на организација на заверување семестри, водење евиденција и слично, кои не се универзални за сите факултети, ЈСП Скопје беше приморано да донесе интерни одлуки, со што би се избегнале евентуалните злоупотреби на посочениот тип на билет, односно на студентската годишна бесплатна карта – информираат оттаму.

Врз основа на тоа, појаснуваат во ЈСП, а имајќи ја предвид праксата и повратните информации од одделни факултети, постои интерен правилник/упатство за издавање на бесплатниот студентски билет во кој е наведено дека секоја учебна година, студентот има обврска да ја продолжи важноста на билетот, а правото на користење на билетот го докажува со: потврда за редовен студент на државен факултет на територија на градот Скопје, издадена од акредитирана високообразовна установа, индекс и лична карта на увид. Фотографирање се врши во самото продажно место, годишниот бесплатен студентскиот билет се изработува и издава во центрите за персонализација.

– Студентите кои прв пат запишуваат прва година во септември (бруцоши), при издавање на билетот им се продолжува важноста и за наредната година. На останатите студенти, кои на крајот на тековната или на почетокот на годината сакаат да го продолжат билетот, а сѐ уште немаат заверено летен семестар, истиот може да го продолжат само ако имаат заверено зимски семестар и во индексот имаат запишано повеќе од два неположени испити. Студентите кои во моментот на продолжување на важноста на билетот во индексот имаат до два неположени испити, билетот може да го продолжат само со заверен летен семестар. Продолжување на студентски билет не му следува на студент на кој му е останата само дипломската работа – информираат од ЈСП.

За сите студенти кои не ги исполнуваат овие услови, како и за вонредните студенти и оние од приватните факултети, постои месечен билет со привилегирана цена од 1.050 ден, кој важи за сите линии. Истиот билет за јули и август, чини 600 ден за сите линии за еден месец. Потребни документи за овој тип на билет се потврда за студент на факултет на територија на градот Скопје издадена од акредитирана високообразовна установа, индекс и лична карта на увид. Билетот е без ограничување на возраста.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...