fbpx

ТОП 5 Контраспина за 2018: Кои беа главните теми за спинување

Под паролите „името не го даваме“ или „името го продадовте“, сепак, се случуваше главното извртување на вистината, т.е. спинувањето во 2018 г, а веднаш зад оваа тема следува спинувањето околу тоа дека правдата ќе ги стигне сите од времето на „Груевизмот“.

-

Да се одберат пет спинови што беа деспинувани во рубриката „Контраспин“ на „Вистиномер“ е мала бројка за она што се случуваше во 2018 година, во која вистината се извртуваше на големо и тоа од сите страни. Под паролите „името не го даваме“ или „името го продадовте“, сепак, се случуваше главното извртување на вистината, т.е. спинувањето во 2018 г, а веднаш зад оваа тема следува спинувањето околу тоа дека правдата ќе ги стигне сите од времето на „Груевизмот“.

Следува избор на пет спинови, карактеристични за 2018-та, а кои беа деспинувани во „Вистиномер“, наредени по хронолошки редослед од почетокот на годината до нејзиниот крај:

 

1. „Добрите“ и „лошите“ во Парламентот си ги оставија привилегиите

Годината започна со една интересна тема околу пратеничките привилегии, кои и во 2018 година останаа големи, без оглед на сите критики пред СДСМ да дојде на власт околу тоа како пратениците од претходниот состав манипулирале со постојните подзаконски и законски акти и притоа земале илјадници евра на име патни трошови во текот на годината. Под силен притисок на јавноста СДСМ мораше да подвлече некоја црта, арно ама тоа е сторено на начин на кој ем волкот „ќе (о)стане сит, ем овците ќе бидат на број.“

 

2. Груевски се пожали на неговото судство!?

Пред да се актуелизира името како главна тема во Македонија и Договорот од Преспа, во фокусот беа судските процеси по обвинителните акти на Специјалното јавно обвинителство. Еден од клучните спинови ги изрекуваше главниот актер на претходниoт 10-годишен период, кој многу често се нарекува режим, а тоа е екс-премиерот Никола Груевски, кој, замислете, во сè уште нереформираното судство виде закана за правдата што ја бара пред судовите, а целото правосудство го нарече „режимско“.

 

3. Милион граѓани гласно кажале „НЕ“, ама никој не ги слушна

Договорот од Преспа меѓу Република Македонија и Грција го одбележа летото, продолжи сè до длабоката есен и сè уште, во друга форма, преку процесот на усвојувањето на уставните амандмни и натаму е една од главните актуелности околку која многу се спинува. Но, една точка од овој повеќемесечн процес – Референдумот на 30-ти септември, особено резултатите од него, беа повод за огромни извртувања на вистината, при што окосница беше тезата дека „народот кажал гласно не“.

 

4. Полицијата секако има голем дел од вината за бегството на Груевски

Бегството на правосилно осудениот Никола Груевски во Унгарија, малку како да ја разби темата со уставните амандмани и прашањето на името и, ѝ даде на јавноста нова „коска“ за глодање. Груевски е договорен со власта – тезата на поголем дел од јавноста во тој момент, изразена на социјалните мрежи. Груевски успеал да ги надитри – тезата на друга, помала група од јавноста, исто така изразена најповеќе на социјалните медиуми. Но, основното прашање, кое, всушност, ќе ги одоговри претходните две спротивставени тези, е дали има објективна одговорност за непостапување на полицијата во критичниот момент пред и за време на обидите за доставување на наредбата за упатување за издржување казна? Власта од старт вели – немавме повеќе надлежности, вината е на друго место. Ова извртување на вистината беше деспинувано само со едноставо читање на законските и подзаконските акти поврзани со работата на полицијата.

 

5. Загадувањето е заедничко – такво треба да биде и чистењето

Како и секоја година после ноември, вечна тема во јавноста е загадувањето на воздухот, пред сè, во Скопје, Тетово и Битола, но годинава конкурираат и повеќе други општини за многу загадени места. Оваа „вечна тема“ во јавноста како со магично стапче да ги допре и двете најголеми политчки партии. Речиси и да нема ден ВМРО-ДПМНЕ да не ги обвини овие од СДСМ дека не прават ништо за здравјето на граѓаните и расчистување на загадувањето, дека донеле „црнила“, итн. И обратно, овие од  СДСМ да не го вперат прстот кон ВМРО-ДПМНЕ со обвинување дека проблемот го предизвикале тие за десетгодишното владеење, зашто ништо не преземале. „Вистиномер“ препозна околу оваа тема спинување кај сите страни.

 

 

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

 

 

 

 

 

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сенатот изгласа 95 милијарди за Украина и Израел, но и потенцијална забрана за ТикТок

Сенатот на САД, односно горниот дом на Конгресот, изгласа предлог-закон кој вклучува хуманитарна и воена помош за Украина, Израел, Газа и Тајван во вредност од 95 милијарди долари, но...