fbpx

На водите на Балканот им се заканува уништување поради браните, македонските реки се меѓу најзасегнатите

-

Три четвртини од реките на Балканот се еколошки толку вредни што би морале да бидат заштитени од изградба на хидроцентрали. Ова е заклучокот од студијата „Еко-мастер план за балканските реки“, изготвен од страна на меѓународната еколошките организации „Еуронатур“ и „Ривервоч“, промовиран на меѓународната конференција „Хидроенергетските проекти и заштита на природата – предизвици и решенија“ во Скопје. Овој настан беше дел од меѓународната кампања насловена како „Спас за синото срце на Европа“ која повеќе месеци се обидува да влијае на меѓународните финансиски и државни стратегии и политики на државите на Балканот, но и на меѓународните финансиски институции кои финансираат инфраструктурни проекти од ваков вид. Овој еко-мастер план ги истражувал реките и речните сливови на потегот од Словенија до Грција за да утврди кои подрачја е потребно да бидат предмет на заштита од изградба на брани и хидроцентрали.

За потребите на студијата со користење на научни параметри биле оценувани 80 илјади километри реки на Балканот, при што бил заклучено дека 61 илјада километри балкански реки или 76 проценти се од исклучително значење како природни вредности што би требало да бидат прогласени за такаканаречени „ноу-гоу“ зони односно заштитени подрачја. Студијата е усогласена со стратегијата на ЕУ за  биодиверзитетот и со Директивите на ЕУ за заштита на птици, хабитати и води.

Оваа студија им сугерира на државите од Балканот дека е неопходно да ја изменат својата енергетска стратегија и дека тоа се сосем остварливи нивите таргети, усогласени со директивите на ЕУ за производство на 25 проценти од енергијата од обновливи извори доколку тие се ориентираат кон други обновливи извори на енергија кои имаат далеку помало влијание врз животната средина, какви што се сонцето и ветерот.

Околу 3.000 хидроцентрали се градат или се предвидени да се градат во наредните неколку години на просторот на Балканот, а околу 1.000 хидроцентрали се планирани да бидат изградени во национални паркови или во заштитени подрачја во рамките на програмата на ЕУ – Натура 2000. Според студијата на „Еуронатур“ и „Ривервоч“, биодиверзитетот на сите овие реки е доведен во опасност и му се заканува колапс доколку проектите се реализираат бидејќи речиси и да нема да остане ниту една река незасегната од вакви проекти. На стотици животински и растителни видови им се заканува истребување, а од вкупно 500 вида на риби кои живеат во реките на Европа, со изградба на хидроцентрали на Балканот би биле истребени, или речиси истребени, 49 вида риби, при што би биле изгубени 11 вида риби кои се ендемски и живеат само во балканските реки.

Во Македонија, како што беше соопштено на конференцијата, планирана е изградба на околу 160 хидроцентрали со кои ќе бидат засегнати околу 130 реки и други водотеци. Досега се искористени 50 проценти од вкупниот потенцијал во државата. Сепак, предупредуваат експертите, дури и да се реализираат сите овие мали хидроцентрали, што ќе значи огромно и трајно уништување на најчистите речни текови во државава преку нарушување на природниот амбиент, на биодиверзитетот и на хабитатите на растителниот и животинскиот свет, од кои еден значителен дел се ендемски, односно ги има само во тие реки, Македонија, еднакво како и останатите балкански држави, нема да го достигне таргетот на ЕУ од 25 проценти енергија произведени од обновливи извори до 2020 година.

„Потрагата по енергија требаме да ја бараме во оние делови кои не се заштитени и кои нема да претрпат уништување на биодиверзитетот, на хабитатите“, истакна Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина, зборувајќи за овој проблем на конференцијата.

Макрадули информираше дека 72 хидроцентрали и мораме да се соочиме со реалноста дека за тие проекти пристигнале позитивни мислења од сите чинители за да им се даде зелено светло.

„Тоа е една реалност на терен и нема резон за тоа меѓусебно да се обвинуваме“, рече тој.

– На територија на Националниот парк Маврово од две хидроцентрали стасавме до 22. Само по име се мали но не и по импактот кој го имаат врз животната средина, вели Александра Бујароска од „Фронт 21/42“ и додава дека уште постојат планови за нови хидроцентрали и се уште се објавуваат повици за нови хидроцентрали, како што е најновиот повик од јануари годинава кој предвидува уште една хидроцентрала на Жировничка река.

Таа информираше дека е почната петиција наречена Зелени зони за сини реки со која бараат формирање на заштитени зони каде што се наоѓаат овие реки бидејќи не само што е потребно да се заштитат овие природни предели туку треба да се заштитат и интересите на инвеститорите кои трпат или ќе трпат загуби ако нивните проекти не можат да се реализираат бидејќи се наоѓаат во зони со проблематичен статус.

Издавањето на концесии за мали хидроцентрали е во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање иако претходно било во надлежност на Министерството за економија. „Мета“ побара одговори на прашањата колку концесии вкупно досега се издадени и колку се планира да бидат издадени вкупно, како и што МЖСПП превзема овие инфраструктурни проекти да се справи со потенцијалните и фактички негативни влијанија врз прородата, меѓутоа, до објавувањето на овој текст од таму не добивме одговори.

На сајтот на МЖСПП стои информацијата за издадени вкупно 33 концесии за мали хидроцентрали во 2015 и 2016 година, а таму стојат и повиците за доделување на концесии на 37 нови хидроцентрали на реките Вардар, Треска, Брегалница, Струмица и Црни Дрим, на кои, од нејасни причини нема датум кога се објавуваат.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел возврати со напад врз Иран, Иран не планира да одговори

Израел утрово лансираше воздушен напад во близина на иранскиот град Исфахан, велат американски извори за Си-би-ес, а пренесува Би-би-си. Нападот доаѓа шест дена по нападот на Иран во Израел, кога...