fbpx

Малата депонија со линдан кај ОХИС ќе се чисти на есен, компанијата ќе ја избираат ОН

-

За месец дена ќе се финализира тендерската документација, по што ќе биде објавен меѓународен конкурс на организацијата на Обединетите Нации – УНИДО за избор на фирма и технологија за отстранување на депонираниот линдан од малата депонија во кругот на фабриката ОХИС која содржи околу 10 илјади тони од опасната хемикалија, соопшти денеска Сузана Андонова, раководителка на Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (ПОПС) при Министерството за животна средина, на информативната работилница, која ја организираа заедно со Македонското еколошко друштво (МЕД).

Според Андоновска, до крајот на јуни би била позната компанијата која ќе го работи деконтаминирањето на малата локација и воедно изрази надеж дека овој процес ќе покаже дека одбраната технологија ќе може потоа да се примени и за чистење и на големата депонија на линдан, која се проценува на околу 35-40 илјади тони. Избраната фирма ќе има обврска и да ја покрие и соодветно заштити големата депонија.

„Не беше лесно да се мобилизираат средствата и луѓето за да започне овој процес на деконтаминација на жешката точка кај ОХИС,“ рече Андоновска и додаде дека пари за деконтаминирање на малата депонија се веќе обезбедени, во висина од 3,1 милиони долари.

Според оптимистичко сценарио, со чистење би можело да се почне оваа есен. Притоа, Андоновска објасни дека, според предвидувањата, помалку загадената почва би се третирала на лице место, додека пак одредено количество на контаминат би морал да се отстрани и би се транспортирал во странство, за унуштување во соодветни капацитети.

Андоновска најави и скорешни измени во Законот за животна средина, во кој би се вметнале граничните вредности на загадување на почвата, воздухот и водите, неопходни за реализација на процес за деконтаминација и ремедијација каков што е овој на линданот на ОХИС.

„Познати се фактите дека линданот депониран во кругот на ОХИС со децении ги загадува граѓаните на Скопје преку воздух, како и преку загадување на почвата и подземните води, а со тоа се пренесува и на зеленчукот кој се одгледува и на тој начин се дистрибуира и пошироко. Нема направено истражувања како таа изложеност на оваа опасна хемикалија влијае врз здравјето на луѓето. Потребен е био-мониторинг бидејќи не знаеме како линданот влијае врз човековото здравје“, рече Светлана Пејовиќ од МЕД.

МЕД спроведе истражување за тоа колку жителите на трите најзасегнати скопски општини – Аеродром, Кисела Вода и Гази Баба се запознаени со опасноста од постоењето на депониите со линдан во нивната околина.

„Половина од граѓаните со кои ја направивме анкетата  се генерално информирани за линданот, колку е опасен и каде е депониран, но затоа пак кај помладата популација е евидентно дека немаат речиси никакви сознанија“, рече Пејовиќ, наведувајќи дека тие продолжуваат да спроведуваат работилници и други информативни собири, чија цел е токму информирање на населението за опасноста од линданот и за процесот за негово чистење.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изложба на скулптури од керамика на Боро Новаковски – Новак од четврток во уметничкиот центар Арт Хаб

Во четврток во уметничкиот центар Арт Хаб ќе биде отворена изложбата на скулптури од керамика на Боро Новаковски – Новак. На изложбата ќе бидат презентирани ретките сочувани дела на...