Августовска жега, врвулица низ центарот на Гостивар и на секој чекор натписи со предупредувања на македонски и на албански јазик: „Водата не е погодна за пиење“. Дваесет и седум дена по воведувањето на забраната, водата од градскиот водовод сè уште не смее да се пие ниту да се користи за подготовка на храна. Иако секојдневно се земаат примероци за проверка, резултатите не се кажуваат јавно.

Во овој град, една чаша вода секој ден е причина за страв. Она што за повеќето од нас е најобична рутина, за Гостиварци стана секојдневна пресметка со ризикот и страв дали ќе се разболат од зготвениот ручек, дали ќе им се исфрла кожата ако се искапат, дали ќе им се инфицираат очите ако измијат лице. И сето тоа во градот под Шара, градот до Вруток, изворот на Вардар, најголемата река во државата, среде летни горештини кога потребите од чиста вода и без тоа се големи.

Чешма во дом во Гостивар. Водата од градскиот водовод е дозволена само за техничка употреба, а дел од жителите сè уште ја избегнуваат и за одржување хигиена. Фото: Мета.мк

Според неажурираните податоци на Министерството за здравство, до 25 јули околу 4.000 граѓани на Гостивар побарале лекарска помош поради симптоми на гастроентероколит, односно големи стомачни тегоби. Граѓаните се револтирани, лути и разочарани. По недели болест, спротивставени информации и носење вода до домовите, довербата во институциите е сериозно нарушена. За старите, болните, социјално ранливите и лицата кои не можат сами да носат вода, кризата е уште потешка.

Екипата на Мета застана во близина на градска чешма кај Општината, каде што во моментот екипи од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ)  земаа примероци за хемиски и микробиолошки анализи. Таксист од околните стојалишта довикна: „Внимавајте, немојте ниту раце да миете, ниту да пиете од водата“.

Екипата на Мета не затекна ниту цистерна ниту флаширана вода на пунктот кај болницата „Ферид Мурад“. Фото: Мета.мк

На 11 август, нешто пред пладне, на паркингот кај болницата „Ферид Мурат“, што е една од седумте првично објавени локации за дистрибуција на вода за граѓаните, екипата на Мета не затекна ниту цистерна ниту достапна флаширана вода. Не постои ниту јавно објавен распоред кога и колку вода се доставува на секој пункт.

Се капевме со стоплена вода од пластични шишиња

Гордана Страшевска, професорка по македонски јазик, вели дека жителите се принудени целосно да го сменат животот. Видно разочарана, таа коментира дека ова што им се случува изминатите недели на Гостиварци е страшно.

„Денес, во 21 век, пиеме ваква вода која е незамислива. Таа не е загадена, туку е целосно контаминирана и не знам кога тоа ќе се среди. Револтот кај сите Гостиварци е голем. Човек се навикнува на сè, се прилагодуваме од една страна зашто мораме, но револтот е голем оти ова што се случи е предизвикано од човечки фактор, не е елементарна непогода или друга катастрофа“, вели Страшевска.

Таа не може да поверува дека градот под Шара и до Вруток кој имаше најчиста и најпитка изворска вода, денес се соочува со вакво нешто. Вели на почетокот било потешко, се капеле со пластични шишиња, топлеле вода на сонце или се снаоѓале по блиските села.

„Градот се испразни целосно. За готвење одевме на блиските чешми полневме и со таа вода од пластична амбалажа готвевме. Тешко е, зашто надвор е 40 степени, па потребата за вода е голема. Се снаоѓаме, но оди тешко“, вели Страшевска.

Според неа, единствениот начин да се врати довербата во институциите е некој да понесе одговорност, но тоа да бидат вистински одговорните, не некоја колатерална штета.

„Само така би ни ја вратиле довербата во институциите. Ние не веруваме веќе во ништо, дури и кога ќе ни кажат дека водата е за користење, ние не веруваме во тоа. Дотаму сме стасани, да не веруваме во ништо што го кажуваат институциите“, вели Страшевска.

Единствено добро во целава работа, според неа, е што ова се случува за време на распустот и учениците се дома. Ако проблемов не се среди до 1 септември, тогаш таа предвидува дека ќе дојдат вистинските проблеми.

Најтешко им е на старите и болните лица 

Мета беше во посета на брачниот пар Ајредин и Јелена Ќазими. Ајредин е слепо лице е инвалид и за него се грижи неговата сопруга и асистент. Црвен крст на град Гостивар им помага на секој начин.

„Јас сега немам избор и се капам со водата од чешма. Мојот сопруг не е воопшто подвижен, не ни зборува, неговата хигиена е тешко да ја  одржувам освен со влажни марамчиња. Кога ја пиев водата од чешма се разболев, повраќав 10 дена, а 4 дена лежев, не можев буквално да мрднам од кревет. Многу ни е тешко, сине“, раскажува Јелена со солзи во очите.

Ајредин Ќазими е слепо лице е инвалид, а за него секојдневно се грижи неговата сопруга Јелена. Недостигот од безбедна вода најтешко ги погодува старите, болните и лицата со попреченост. Фото: Самир Арифи

Билјана Беловинова од здружението „When in Trouble“ неколкупати организирала акции за донација на вода за социјално ранливи граѓани и за луѓе кои живеат на повисоките катови во зградите.

„Социјално ранливите категории граѓани едвај сврзуваат крај со крај. Сега замислете, треба да трошат пари и за вода. Не е лесно, не е едноставно, пунктовите на кои се дели вода многу често не им се лесно достапни“, вели Беловинова. Таа додава оти се потрудиле на ранливите граѓани да им достават вода колку можат директно до нивните домови бидејќи им било важно луѓето кои се изнемоштени и сами да добијат каква таква поддршка.

„Не сакавме никој да биде заборавен, зашто не е лесно без вода на овие температури“, вели Беловинова.

Таа смета дека недовербата ќе остане и откако формално ќе биде укината забраната.

„Мислам дека и кога ќе ни кажат дека водата може да се пие, Гостиварци нема да ја пијат, сè додека навистина не бидат сигурни. Ова што се случи е страшно и луѓето се плашат“, вели Беловинова.

Знаевме дека водата не чини, беше мрсна и се лепеше за уста 

Пензионерот Нијази Џелили вели дека промената во водата ја забележал уште во текот на месец јуни.

„Кога ја пиевме, беше мрсна и се лепеше за уста. Знаевме дека нешто не е во ред, но не ја знаевме причината“, раскажува Џелили. Во тој момент, додава тој, жителите не знаеле дека пумпи внесувале загадена отпадна вода во системот за вода за пиење.

Нијази Џелили вели дека уште на 15 јуни забележал промена во водата. Фото: Самир Арифи

„Како да не бидеме лути и разочарани? Ова е 21 век, ова е чудо, со оглед на тоа што водата од изворот во Гостивар е лесна и е најдобрата вода во Македонија. Како може човечко суштество да го направи ова и на кој начин не знам, ова е катастрофа“, вели Џелили.

Додава отие нечовечки да се разболат 4.500 луѓе. Вели оти станува збор за сиромашни луѓе со мали плати и ниски пензии, па парите им отишле за лекување.

Како е можно владините органи и санитарните инспектори цел месец да го остават Гостивар вака? Па тие од својата работа земаат плата, каде е одговорноста? Луѓето што ги поставиле пумпите на загадените места, оние што наредиле да се постават тие пумпи на загадените места и инспекторите задолжени за анализа на водата, треба да понесат одговорност“, револтирано зборуваше Џелили. 

Тој е благодарен за водата што ја обезбедуваат донаторите, но предупредува дека пунктовите не се решение за сите.

„Не може секој да земе вода во одредено време поради семејните обврски. Младите се иселени, па нема кој да им донесе вода на старите. Луѓето се принудени шишињата да ги носат во раце до дома. Не може да се функционира без техничка вода и без доволно безбедна вода за пиење, готвење и хигиена“, вели тој.

Од кризниот штаб уверуваат дека последние анализи покажале дека водата може да се користи за 

Зуди Џелили, координатор на локалниот кризен штаб, член на Централниот кризен штаб и вработен во Општина Гостивар, тврди дека последните микробиолошки анализи биле добри и дека останатото отстапување се однесувало на растворениот хлор, чија концентрација претходно била покачена поради интензивната дезинфекција.

Зуди Џелили, координатор на локалниот кризен штаб и вработен во Општина Гостивар. Фото: Мета.мк

„Трите последни мерења што беа направени за мерење на хлорот во водата покажаа добри резултати и параметрите покажуваат дека растворениот хлор во водата е во дозволените количини според стандардите. Имаше одредени несогласувања во врска со изјавата на министерот за внатрешни работи Тошковски и претставникот на ДЗС, Стојанче Ангелов, во однос на техничката вода, но тие беа надминати бидејќи од моментот кога беше објавено дека водата е технички исправна, немаше никаква дилема, од бактериолошки аспект водата беше средена уште од почетокот. Потоа се работеше на интензивирање на чистењето, дезинфекцијата со хлор, тоа се засили, а потоа и количината на хлор се нормализираше“, вели Џелили.

Сепак, до објавувањето на текстот забраната за пиење и подготовка на храна не беше укината. Џелили не посочи на кои датуми и од кои мерни места се резултатите на кои се повикува, ниту на Мета ѝ беа доставени лабораториските извештаи.

Зоран Маџоски, долгогодишен новинар и жител на Гостивар, вели дека кризата повторно го отворила прашањето за недостигот од филтер-станица, за притисокот во мрежата и за незавршените инфраструктурни проекти.

„Парадоксот е многу чуден, ние имаме изворска вода, но немаме филтер станица, а со ширењето на градот имаме и недостиг на доволно количество вода во чешмите. Сето тоа заедно придонесува да имаме нездрава вода и да се соочиме со проблемиве што сега ги имаме. Мора да се завршат проектите што се веќе започнати и конечно да имаме доволен притисок и да кажеме конечно дека Гостивар ќе има филтер станица“, вели Маџоски.

Според него, истрагата треба да стигне до луѓето кои донеле одлука загадената вода да се внесе во водоводот.

„Не ги знам сите околности, но одговорноста треба да се бара кај оној што раководел и што се решил на таков дрзок начин да стави вода за која се знаело дека е загадена во водоводот“, додава тој.

Зоран Маџоски, новинар и жител на Гостивар. Фото: Самир Арифи

Инаку, на 17 јули Агенцијата за храна и ветеринарство издаде забрана за пиење на водата во Гостивар бидејќи беа откриени пумпи кои директно вбризгуваа отпадни води во водоводниот систем. Инспекторите на АХВ тогаш излегоа на терен заедно со полицијата по зголемен број на пријави од граѓаните за стомачни тегоби.

Неколку дена подоцна, на 20 јули, директорката на ЈП Комуналец од Гостивар и уште двајца вработени беа приведени и против нив беше започната истрага за загадување на водата во Гостивар. Тие се сомничат дека со штетна матeрија ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот кој ја снабдува со вода општина Гостивар и дел од околните села. Тројцата осомничени на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење за да го тестираат притисокот на водата.

АХВ земаа примероци од водата, и иако беа готови резултатите од анализите на земените мостри, Владата и Обвинителството не ги објавија јавно веднаш. На инсистирање на новинарите, Јавното обвинителство ги објави резултатите според кои водата во Гостивар била екстремно загадена и не требало да се употребува за ништо.

Анализите на примероците што ги објави Обвинителството се однесуваат на три различни мерни места:

  • во површинската вода од отворениот канал биле измерени 2.419,6 cfu/100 ml колиформни бактерии, наспроти максимално дозволените 50 cfu/100 ml;
  • во примерок од каптиран извор биле пронајдени 39 cfu/100 ml колиформни бактерии, при референтна вредност од 0;
  • во примерок од чешма на улицата ЈНА бил измерен резидуален хлор од 1,1 mg/l, над дозволениот опсег наведен во соопштението на Обвинителството.

На 21 јули Владата прогласи 30-дневна кризна состојба со образложение дека локалната самоуправа не може сама да се справи со состојбата. На 27 јули беше соопштено дека водата може да се користи како техничка, но забраната за пиење и готвење остана.

Потоа следуваа нови спротивставени пораки. На 4 август Дирекцијата за заштита и спасување соопшти дека во водата во Гостивар има Pseudomonas aeruginosa, бактерија што може да предизвика инфекции на кожата, очите и ушите, додека други надлежни институции уверуваа дека водата е безбедна за капење. На 11 август надлежните велеа дека микробиолошките резултати подолго време се добри и дека преостанува да се утврди количината на хлор. Забраната, сепак, останува во сила и денеска.

До објавувата на овој текст институциите не објавија целосни лабораториски извештаи со датуми, мерни места и сите вредности од направените истражувања. Токму ваквата нетранспарентност ја зголемува недовербата на Гостиварци.