Претседателот на Собранието Талат Џафери упати апел за фер и регуларни избори до граѓаните, политичките партии, но и до кандидатите за претседател пред почетокот на кампањата за претстојните претседателски избори, која официјално стартува на 1 април.

Тој додаде дека тоа е во интерес на државата и е еден од условите за почеток на  датумот за преговори со ЕУ.

„Првично апел до сите граѓани, да ја искористат својата можност и право да излезат на избирачките места, да го искористат правото на глас и со тоа фактички да придонесат кон почетната регуларност на целиот процес. До политичките субјекти кои директно или индиректно ги поддржуваат кандидатите за претседател на државата, апел до нив со своите постапки и изјави да не придонесуваат кон вжештување на предизборната кампања, но да имаат соодветно ниво на политичка култура во меѓусебната комуникација, односно комуникацијата едни кон други и со граѓаните“, рече Џафери по редовниот брифинг со новинарите.

Собранискиот спикер им порача на кандидатите за претседател, со интелектуалниот пристап кон граѓаните, да придонесат изборите да бидат што поприфатливи за сите, односно кампањата да не добие негативна конотација.

Прашан што доколку не биде постигнат цензус во вториот круг од изборите, Џафери потсети дека постои процедура согласно Устав и закон според која целата постапка се повторува, а претседателот на Собранието станува вршител на должност на функцијата, се до изборот на новиот претседател.