Владата на вчерашната седница го задолжи генералниот секретаријат во рок од 10 дена да објави постапка за јавна набавка за изработка на анализа на предлогот за алтернативна рута за пругата долж Коридорот 8, која што веќе ја предложи Реактивната мисија на УНЕСКО во 2017 година, информираат од владината прес – служба.

УНЕСКО жестоко ја критикуваше постојната траса на железничкото поврзување на Македонија и Албанија во делот од Струга преку Радожда до пограничниот албански град Лин. Ако се гради по постојната траса, од УНЕСКО сметаат дека пругата по крајбрежјето на Охридското езеро ќе влијае врз исклучителната универзална вредност на езерото.

Наместо постојната траса, од УНЕСКО експлицитно дадоа директен предлог за изградба на алтернативен тунел од Струга до Прењас под планината Јабланица. Од владата за „Мета.мк“ веќе посочија дека препроектирањето на пругата Кичево – Лин би ја зголемила за над 100 милиони евра досегашната цена за изградба на железничкото поврзување меѓу двете земји.

И покрај големиот издаток и време што ќе биде потребно за реализација, владата се одлучи да изготви анализа за тоа колку точно ќе чини изградбата на алтернативната траса на пругата меѓу Струга и Прењас. На овој начин, ќе се задоволи една од препораките на УНЕСКО, каде што критиката на реактивната мисија во поглед на опасноста за Охридското езеро од овој проект беше најжестока.

Како што информираат од владината прес – служба, на вчерашната седница се разгледала и усвоила информацијата за степенот на реализација на препораките на реактивната мисија на УНЕСКО од 2017 – та година, одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО (Краков, 2017 и Баку, 2019), и релевантните заклучоци на извршната власт за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот регион. Владата ја реафирмирала определбата да се зачува статусот на УНЕСКО за Светско културно и природно наследство на Охридскиот регион.

Владата ја задолжи канцеларијата на премиерот, во соработка со Националната комисија за УНЕСКО, да ги координира работите и програмата за реактивната мисија на УНЕСКО закажана за крајот на јануари 2020 година, како и изработката на извештајот за напредок.

Сите релевантни државни институции најдоцна до 13 декември треба да достават ажурирани и сеопфатни информации за степенот на реализација на препораките на УНЕСКО, кои ќе бидат дел од прогрес извештајот за напредокот кој ќе се достави до УНЕСКО најдоцна до 31 јануари 2020 година.

Воедно, во заклучоците на владата по ова прашање е и препораката до општините Дебрца, Охрид и Струга да се интензивираат процесите и активностите со цел исполнување на препораките на УНЕСКО, и да ги примат претставниците на УНЕСКО во рамките на реактивната мисија за 2020 година.