Постојната главна товарна железничка станица во Скопје (Ранжирна – Скопје југ) кај селото Трубарево во иднина треба да постане мултимодален јазол што ќе служи како централен хаб при транспортот на стоки во земјава. Тендерот за изработка на проектната документација за изградба на мултимодалниот јазол треба да биде објавен наредниот месец, се вели во информацијата од Министерството за финансии објавена на Електронскиот систем за јавни набавки.

Проектната документација е проценето дека ќе чини милион евра, а ќе вклучи и изработка на идеен проект за идниот објект. Ќе се направи анализа на постојната документација и правната рамка во земјава, предвидено е да се проучи и најсоодветен модел по кој би се спровела изведбата и управувањето со мултимодалниот јазол.

Мултимодалниот транспорт е во брз подем во развиените земји и означува комбинирање на различни превозни средства. Ранжирната станица во Трубарево ќе биде локацијата каде што е предвидено да се врши претовар од едно во друго превозно средство. На оваа локација во моментов се составуваат и разделуваат товарните возови, а на камионите во иднина би им се овозможил пристап и можност за товарање и растоварање на товар во вагони.

Во Националната транспортна стратегија 2018 – 2030 година на Министерството за транспорт и врски е предвидено до 2030 година да биде изграден мултимодалниот јазол во Трубарево, за што планирано е да се потрошат 20 милиони евра.