Во 2021 година треба да заврши проектот за реорганизација на јавната администрација во Македонија. Овој проект ќе им овозможи на министерствата да постанат институции за креирање политики, агенциите да бидат тела за спроведување на тие политики, а инспекторатите да имаат надзорна функција. Според ветувањата на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), нема повеќе да има мешање на надлежностите меѓу институциите и се очекува да се намали нивниот број, пишува „Порталб.мк“.

– Проектот има неколку нивоа на индикатори, но главната цел е да се добие кохерентна правна рамка за институционална поставеност на административните тела, агенциите и инспекциските служби, за начинот на основање на институциите, нивните надлежности и линиите на одговорност – велат од МИОА.

Тие исто така нагласуваат дека се подготвува предлог за реорганизација на институциите. Се работи и на Законот за организација на работата во државната администрација.

– Предлогот на новата верзија на Законот за организација и работа на органите на државната администрација треба да се достави за консултации до крајот на јануари –  додаваат од МИОА.

На овој проект работи тим од странски експерти, но и експерти кои се привремено ангажирани на одредена тема/област.

Тимот на МИОА е должен континуирано да соработува со експертскиот тим, а формиран е и Управен одбор со претставници на релевантните институции, експертскиот тим и Делегацијата на ЕУ. Според нив, секоја институција која се пријавила во Советот за реформи на јавната администрација, исто така има номинирано лице за контакт за комуникација со тимот на експерти, со цел соработката и собирањето податоци да се одвива навремено.

Овој ИПА проект започна во ноември 2019 година, но претходно, со поддршка од други донатори, се спроведени првичните анализи и мапирање на институциите и правната рамка. Проектот има буџет од 1,7 милиони евра, во рамки на ИПА проектот, односно финансирањето е целосно обезбедено со средства од Европската комисија.

Инаку, досегашниот министер на МИОА, Дамјан Манчевски во јуни 2017 година, најави дека „нема да има отпуштање од државната администрација, туку ќе има реорганизација за поголема ефикасност“.

Проблем на јавната администрација е големиот број институции. Македонија има вкупно 1.299 државни институции, број што се смета за превисок и премногу ја чини државната каса. Владата најавува дека ќе се намали бројот на институции преку укинување на оние кои немаат вработени, но и преку спојување на институции кои имаат слични или исти овластувања.

Од друга страна, иако се очекуваше дека паралелно со реформите во јавната администрација, бројот на вработени во јавниот сектор да се намали, сепак, официјалните бројки покажуваат дека тој број е зголемен. Властите се оправдуваат дека тие вработувања биле неопходни. Бројот на вработени во јавниот сектор, заклучно со 31 декември 2018 година, изнесува 132.068 и тие распределени во 1.314 институции.