Скопското јавно претпријатие „Градски паркинг“ и годинава од градскиот буџет ќе добие субвенции за потешкотии во работењето. Станува збор за средства во висина од 7,5 милиони денари (околу 120.000 евра), но во Буџетот на Град Скопје нема дополнителни средства што би се издвоиле за изградба на нови паркинзи во главниот град за решавање на актуелниот проблем со паркирањето.

Од Град Скопје не одговорија на прашањата на „Мета.мк“ во однос на тоа колкави средства ќе се издвојат во 2020 година за решавање на проблемот со паркирањето, ниту пак дадоа рок до кога ќе се изготви студијата со која би се утврдил точниот број на паркинг места што постојат во Скопје и бројот на паркинг места што му недостигаат на градот. Иако два пати беа испратени прашања на оваа тема и до ЈП „Градски паркинг“, одговори исто така не пристигнаа и од нивна страна.

Градските власти единствено деновиве ја споделија информацијата дека на местото на постојните бараки, во кои е сместена нивната администрација во Градскиот парк, во иднина ќе се изгради монтажна катна гаража, која ќе може да прими од 600 до 900 возила. Со овој иден паркинг ќе управува ЈП „Градски паркинг“ и со него треба да се реши недостигот на места за паркирање во реонот на паркот, Зоолошката градина и во Дебар Маало. Сепак, за неговата изградба најпрво ќе треба да се дислоцира градската администрација во нов објект, а Општина Центар да го усвои новиот ДУП за оваа локација.

Главниот град со години наназад се соочува со недостиг на паркинг места, при што приближните проценки се дека во моментов недостигаат околу 8.000 места за паркирање во Скопје. Градските власти немаат изработено студија што ќе даде конкретни податоци на оваа тема, додека бројката на регистрирани автомобили во Скопје континуирано расте.

ЈП „Градски паркинг“, лани, успеа да воведе зонско паркирање на територијата на општина Аеродром, додека локалните власти од Карпош во претстојниов период ќе вршат анкетирање на жителите од Карпош 1 и Карпош 2 за воведување на зонското паркирање во овие две населби. И во двата случаи, потребата за отпочнување со работа на зонското паркирање во овие општини е поради преголемиот број на автомобили за кои нема доволно места за паркирање.