Само дел од каналите на Македонската-радио телевизија (МРТ) прикажале избалансирано предизборно известување во информативната програма во периодот од 17 февруари до 16 март, покажува Извештајот од медиумското известување на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) за периодот пред отпочнувањето на изборната кампања за предвремените парламентарни избори.

Најголем дисбаланс има кај програмата на првиот програмски сервис на Македонското радио, кое се ставило во функција на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Кај емитуваните дневно-информативни емисии на радиото, за прилозите во кои се опфатени информации од ВМРО-ДПМНЕ се издвоени 1 час, 40 минути и 30 секунди, додека СДСМ бил опфатен само со 42 минути и 14 секунди во пладневниот радиовесник во 15.30 часот и неделниот радиодневник од 14 часот.

Во Извештајот на ААВМУ е потенцирана првата програма на Македонското радио како медиум кај кој е регистриран извесен квалитативен дисбаланс, што произлегло од „уредувачката неекономичност во пладневниот радиовесник“. Поради ваквиот дисбаланс, во Извештајот на ААВМУ се посочува дека првата програма на Македонското радио „генерално го почитувала“ законското начело за објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување на слободно оформување на мислењето на публиката за одредени настани и прашања.

„Статистичката акумулација на индивидуалното време за активностите на ВМРО-ДПМНЕ освен што се должи на стратегијата на секојдневно инсистирање да се обелодени одговорноста за одредена општествена аномалија, се должи и на тоа што директно засегнатите државни институции, соперничкиот СДСМ или одредени индивидуи на одговорни јавни позиции – или се откажуваа од континуирани против-реакции или, пак, реакциите им се сведуваа на куси писмени соопштенија“, се вели во Извештајот на ААВМУ.

Неизбалансираност не е констатирана кај првата и втората програма на Македонската телевизија. МРТ 2 го почитувала начелото од член 61, став 1, алинеја 9 од Законот за ААВМУ. Речиси еднакво време е одвоено за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во вестите во 18:30 часот, кај албанските партии најмногу минутажа добила ДУИ, по што следуваат Алијансата на Албанците, ДПА, Алтернатива и БЕСА.

Идентично мислење на ААВМУ е издвоено и за МРТ 1, која го испочитувала законското начело за објективно и непристрасно известување. ВМРО-ДПМНЕ во анализираните дневници во 19:30 часот добила 59 минути и 13 секунди, додека за СДСМ биле издвоени информативни прилози во траење од 43 минути и 49 секунди. Во предизборниот период од 17 февруари до 16 март, на првиот програмски сервис биле организирани дебатни емисии, во кои подеднакво биле присутни претставници на власта и опозицијата.

МРТ 1 имала организирано две интервјуа со претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски и со портпаролот на комисијата Адмир Шабани. Во другите информативни емисии надвор од телевизискиот дневник биле емитувани и интервјуа на министрите за здравство и за образование и наука, Венко Филипче и Арбер Адеми.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.