По четиричасовниот распит во Обвинителството за организиран криминал, шефицата на СЈО, Катица Јанева, во изјава за медиумите рече дека не чувствува вина за предметот „Рекет“, но и дека не знае дали истрагата ќе се води и против неа.

– Ова е истрага и во истрага не се споделуваат информации. Ќе има најверојатно судење и таму ќе се кажат работите – изјави специјалната обвинителка Јанева.

Таа потврди дека двата нејзини телефони се наоѓаат на анализа во Обвинителството. Шефицата на СЈО дополни и дека не знае дали во случајот „Рекет“ се инволвирани политичари.

На одговори на новинарските прашања, Јанева изјави дека не знае каде е Орце Камчев, ниту пак знае каде се парите кои Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески – Кичеец ги земале од Камчев.

Јанева е четвртиот обвинител од СЈО, кој во изминативе две недели беше сослушан од Обвинителството за организиран криминал. Минатата недела таму беа и специјалните обвинители Лиле Стефанова, Елизабета Јосифовска и Бурим Рустеми. Во предметот „Рекет“ досега беа сослушани и второосомничениот Зоран Милески – Кичеец и пензионерката Лилјана Тодоровска, а Боки 13 треба допрва да биде изнесен на распит.