Поранешната обвинителка Катица Јанева која е третоосомничена во случајот „Рекет“, иако денеска беше на распит во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција не дала исказ за случајот, бидејќи побарала увид во доказите.

„Таа ќе го искористи правото да ги види доказите, па потоа ќе даде исказ во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. Првоосомничениот е утре, а нас ќе ни биде дозволено да вршиме увид во четврток. Бевме известени дека утре ќе ни биде врачено известување за завршување на истражната постапка. Сметаме дека обвинителот е должен прво да ја сослуша Јанева, па потоа да ја затвори истрагата”, изјави адвокатката на Катица Јанева, Ирена Фрчкоска.

Притворот на Јанева е продолжен за еден месец, а нејзината одбрана, во која е вклучен и адвокатот Дељо Кадиев, смета дека со завршување на истрагата е отворена можноста да се понуди гаранција за таа да излезе од притвор.