„Јас и моите синови, кои ги убедив да не се иселат во странство, додека сме живи ќе произведуваме органска храна и нема да дозволиме рудници да ја загадуваат животната средина во која живееме и одгледуваме земјоделски производи“, рече Димче Балевски органски производител и еко-активист од Валандово, во своето обраќање на конференцијата со наслов „НЕ за рудници, ДА за зелена економија“ што се одржа денес во Скопје и на која екологистите кои се против изградба на рудници во Југоисточна Македонија говореа за потребата од економски развој, усогласен со просторните планови и стратегии.

Зборувајќи за своето искуство и борбата за затворање на рудникот Казандол, Балевски објасни дека, штом неговите клиенти од западна Европа, на кои им ги пласирал своите органски земјоделски производи дознале дека во неговиот крај ќе се отвори рудник со отворен коп, му најавиле дека, за жал, повеќе нема да му ја купуваат стоката:

Тоа значи дека јас сум се зафркнал кога сум ја послушал Владата и нејзината кампања: Биди земјоделец! 

Костадин Ристоманов, претседател на „Еко долина“ од струмичко Ново село праша за каков долгорочен развој се зборува, бидејќи ако ги отворат рудниците, тие ќе работат најмногу 20 до 30 години, ќе остават еколошки пустош во Источна Македонија и потоа ќе се затворат, оставајќи милијарди кубни метри високоотровна јаловина.

Ристоманов потсети на искуствата на многу развиени земји кои одамна ја напуштиле технологијата на рудници со отворени копови за експлоатација на злато и бакар, кои не можат да се справат со последиците од загадувањето кое тие рудници ги предизвикале, наведувајќи го примерот со рударскиот регион на Карпестите планини во САД каде не била успешна ремедијацијата на почвата и водите и каде засекогаш биле иселени околу 100 града со вкупно еден милион жители.

„Во Македонија упорно се одлага донесувањето на закон за почва, кој треба да ги утврди граничните вредности за загаденост на почвите“, истакна Ангел Наков кој стои зад ски-центарот на Кожуф и доаѓа од организацијата „Спас за Гевгелија“ која води борба против отворањето на рудниците на Кожуф.

Државата ќе мора да ги исели и Пробиштип и Велес, па и делови од Скопје бидејќи нивната почва е ужасно загадена.

Наков на денешната конференција ја објави и мапата на која се гледа дека двете рударски концесии кои требаа да се отворат на Кожуф, всушност го прекриваат просторот на ски-центарот и на пристапниот пат.

„Можен е економски развој и без развој на рударството, бидејќи туризмот и земјоделието се неограничени ресурси за развој. Потребно е да ги зачуваме своите ресурси дома, а не да ги изгубиме неповратно“, е ставот на Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција на туризмот.

„Ние сме против отворање на рудници бидејќи тие загадуваат и и штетат на животната средина и на здравјето на луѓето, еставот на партијата ДОМ, која беше домаќин на оваа конференција. Алтернатива е зелената економија која нуди и економски развој и заштита на прородата и здравјето“, истакна претседателката на ДОМ, Маја Морачанин.