Фејсбук денеска објави дека избришал илјадници профили од Македонија, Косово, Русија и Иран, кои покажувале „неавтентично координирано однесување“. Од социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм се избришани 2.632 профили, страници и групи, поради различни причини.

Од вкупната бројка, 1.907 профили или страници биле од Русија, а 513 со Иран.

Станува збор за 86 страници, 64 профили и 1.757 групи.
Од Македонија и Косово се отстранети 212 страници, групи и профили – главно потекнуваат од Македонија. Некои од нив наводно претставувале политички заедници од Австралија, Велика Британија и САД, биле посветени на верски и политички теми, односно национализам, ислам и политичари.

„Иако се обидуваа погрешно да се претстават, откривме дека овие страници, групи и профили се сврзани со мрежа поединци што работат во Македонија и во Косово“, се вели во соопштението.

Кога станува збор за Русија, главниот проблем бил спамот што се ширел од избришаните профили и страници, а помал дел демонстрирале „координирано однесување“.

Фејсбук појасни дека бришењето не е поради присутните содржини, туку поради однесувањето на профилите, страниците и групите.