fbpx

Со 160-те мали централи ќе ја бетонираме земјата, а нема да ја постигмене целта

-

Дури и да се изградат сите 160 мали хидроцентрали кои се планирани да бидат изградени во државата, Македонија нема да го достигне таргетот на ЕУ до 2020 година да произведува 25 проценти од енергијата од обновливи извори.

Ова беше соопштено на денешната меѓународна конференција „Хидроенергетски проекти и заштита на природата – предизвици и решенија“, што се одржа во Скопје, во организација на невладините „Фронт 21/42“, Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко – свест“ и германската фондација Еуронатур.

„Веќе се искористени 50 проценти од вкупниот хидропотенцијал во државата и со сите идни мали хидроцентрали би биле засегнати околу 130 водотеци од земјава, од кои најголемиот дел се во подрачја кои по сите ЕУ стандарди би требало да бидат заштитени од градење и уништување“, рече Методија Велевски од Македонското еколошко друштво во своето излагање во рамките на конференцијата, наведувајќи дека наместо тоа, државата би требало да работи на заштита на природните предели бидејќи, како што истакна, преку 60 проценти од територијата на Македонија сега ги задоволува ЕУ стандардите за заштитени подрачја.

Зборувајќи за експанзијата на градењето на мали хидроцентрали во рамките на Националниот парк Маврово, но и во други подрачја во Македонија кои допрва треба да бидат ставени под заштита на државата, и штетата што тие и ја прават на животната средина и на природните хабитати на растителниот и на животинскиот свет, Александра Бујаровска од „Фронт 21/42“ истакна дека борбата за националниот парк „Маврово“ се уште не е завршена и дека се уште постојат планови што предвидуваат изградба на хидроенергетски проекти и дополнително се уште се објавуваат повици што предвидуваат нови хидроенергетски проекти.

Бујароска потсети на последниот повик за концесии од јануари годинава, со кој се предвудува уште една нова хидроелектрана на Жировничка река, на која веќе е најавено градењето на една.

Презентирајќи ја студијата за балканските реки, нивниот квалитет, потребата од заштита и нивната загрозеност од изградба на хидроцентрали на конференцијата, која е дел од меѓународната кампања наречена „Синото срце“ на Европа, претставничката на германската „Еуронатур“, Тереза Шилер рече дека само од 2008 наваму преку 1600 чисти реки на Балканот со врвен квалитет и вредност се изгубени поради изградба на инфраструктурни проекти.

Таа додаде дека дури и да се изградат сите кои допрва се планираат, балканските држави нема да можат да ги задоволат потребите за создавање на енергија од обновливи извори кои се наметнуваат, додека пак стратешкото преориентирање кон другите извори како што се сонцето и ветерот би можеле комплетно да ја супституираат таа потреба за натамошно уништување на реките.

Според заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, потребна е зголемена координација меѓу сите институции во државата, особено меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за економија, кое ги издава концесиите за малите хидроцентрали, со граѓанските организации и со меѓународните партнери бидејќи во овој момент се изработува стратегијата за енергетика и почнува стратегијата за клима.

„Виновен сум што воопшто е направена студијата со која, во деведесетите, беше утврден енергетскиот потенцијал на малите водотеци и реките кои течат во заштитените подрачја и која е основ за издавање на сите овие тендери за мали хидроцентрали и денес, како родител и како енергетичар барам да се направи ревизија на оваа студија и на одлуките кои од неа произлегле“, рече Никола Черепналковски, поранешен владин советник за енергетика.

Тој предложи, оваа студија, која, според неговите зборови била направена „премногу кабинетски“, без да ја земе предвид реалната состојба на теренот, да биде преиспитана и да се земат предвид и влијанијата на малите хидросистеми на животната средина, но и на човечките населби и нивните потреби за вода за пиење.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено поправните установи се отворени утрово во 7...