Вандалското однесување на дел од патниците довело до зголемување на бројот на инциденти во автобусите на ЈСП – Скопје во 2018 година. Според Годишниот извештај за работењето на ЈСП – Скопје, лани биле регистрирани вкупно 189 инциденти. Оштетувањето на возниот парк бележи најголем раст, па така, биле регистрирани дури 141 вакви случаи. На тој начин, предизвикувањето штети на автобусите дополнително финансиски го оптовариле буџетот на ЈСП – Скопје. Според списокот на инциденти лани имало и 20 физички пресметки во автобусите, 15 случаи на физички напади врз возачите и 13 случаи на закани врз возачите на ЈСП – Скопје.

Вкупно земено, 2018 година е една од полошите години во однос на бројот на инциденти што се случиле во јавниот превоз во градот. Бројката од 189 инциденти е втора по големина по рекордната 2012 година, кога биле регистрирани 224 инциденти.

Најмирна година за патниците била 2014 година, кога се случиле само 66 разни видови инциденти во автобусите на ЈСП – Скопје.

Наспроти лошото однесување на дел од патниците, во 2018 година е забележано намалување на бројот на сообраќајни незгоди во кои учествувале возила на ЈСП – Скопје. Во годишниот извештај на ЈСП – Скопје се вели дека лани се случиле 291 сообраќајни незгоди, односно за 8 помалку во споредба со 2017 година.