Српскиот претседател Александар Вучиќ деновиве на прес-конференција, прашан за коментар зошто странските амбасадори не реагирале со осуда на упадот во државната телевизија, направи паралела со случувањата на 27 април  2017 година во македонското Собрание, нагласувајќи притоа дека главните водачи на демонстрантите се блиски пријатели и соработници на македонскиот премиер, Зоран Заев.

Како е можно амбасадорите на западните земји да не го осудат, а го осдуија во истата секунда кога оние кои не им се допаѓаат упаднаа во македонските институции. Па големиот пријател на тајкунот Јеремиќ и тајкунот Ѓилас, Зоран Заев се пофали како го осуди министерот за внатрешни работи Чавков мислам ако не грешам, така ли е Вељо, Чавков на 18 години затвор затоа што не ги спречил граѓаните да влезат во Парламентот. По тој принцип тогаш ние би можеле да размислуваме за одговорност на Небојша Стефановиќ затоа што го пушти фашистот Обрадовиќ и тајкунот Ѓилас да влезат внатре. Па има група криминалци оттука, од Белград, која сака да работи во Скопје. Бандити кои ние ги протеравме оттука. Од Саша Мирковиќ, Башановиќ. Сите докажани криминалци. Овој крадеше гаќи во трговски центар во Америка и така натаму. Сега е голем советник и е многу важен а за другиот не сакам ниту да зборувам, изјави Вучиќ.

Ваквиот став на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, искажан на вонредната  прес-конференција, во кој, всушност, става равенство меѓу упадот на демонстрантите во седиштето на РТС и собраниските инциденти од пред две години во Македонија, е неточен заклучува „Вистиномер.мк“.

Протестите кои се случија во Македонија ги организираа претставници од тогашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ (што се докажа и низ судските процеси за собраниските настани), која не дозволуваше да се случи мирниот трансфер на власта. Претседателот Ѓорѓе Иванов, не му го даваше мандатот за состав на новата Влада на  социјалдемократот Зоран Заев, во тоа време опозициски лидер. Од друга страна, во Собранието намерно се одолговлекуваше процедурата за избор на собраниски спикер, а на самиот ден кога се случи крвавиот инцидент во Парламентот, според исказите на сведоците пред судот, имало планови за воведување воена состојба.

Сликата со протестите во Србија, пак, е сосема поинаква. Таму опозицијата бара оставка од Вучиќ, чие владеење го смета за авторитарно, а од јавниот радиодуфузен сервис бара да известува објективно. И за волја на вистината, владеењето на Вучиќ многу потсетува на режимот на експремиерот Никола Груевски.

Целата анализа на „Вистиномер.мк“ можете да ја прочитате тука.