СВР Охрид поднесе кривични пријави против поранешни директор и помошник директор за економски работи во Општата болница во Охрид поради тоа што овозможиле докторантка да отсуствува од работа поради специјализација многу подолго од законски предвиденото. Тие се товарат за несовесно работење во службата, а кривична пријава има и за докторантката.

„Од ноември 2013 до август 2017 година, 62-годишниот Љ.А. и 60-годишниот М.К. во својство на директор и помошник директор за економски работи на ЈЗУ „Општа болница“ од Охрид, со пропуштање на должен надзор во вршењето на службените овластувања, на 47-годишната Г.С.М. и овозможиле продолжување на времетраењето на нејзините докторски специјализации од максимум утврдениот рок од 60 месеци и не ја задолжиле да се врати на работното место општ доктор во болницата. Наместо тоа, Љ.А. и М.К. и овозможиле да остане уште 46 месеци на сметка на болницата, исплаќајќи и плата и надоместоци без извршени работни задачи. На тој начин, тие и нанеле штета на ЈЗУ „Општа болница“ од Охрид од вкупно 1.240.727 денари“, соопшти СВР Охрид.