Големиот пораст на нелегална продажба на најчесто шверцуван сецкан тутун на пазарите во земјава е потврден и очигледен факт. Ваквата состојба им се заканува на сите што се дел од легалниот пазар, од над 100 илјади луѓе што живеат од производството на оваа земјоделска култура, преку производителите на цигари и други производи од тутун, државата губи милиони евра што би можела да ги собере од акцизи дополнително, плус околу 50.000 пушачи кои дополнително го ризикуваат своето здравје не знаејќи што пушат.

Сликата со преплавените нелегални или легални продажни места на скопски Бит пазар каде може да се купи ситно сецкан тутун за полнење или виткање цигари, на која граѓаните се сведоци со години, сега е слика на речиси сите пазари во населените места во државата

Сивата економија од која живеат стотици граѓани што ги продаваат овие производи има своја, не баш ниска цена – губи легалниот пазар во моментов околу 8-10 отсто, губи државата со можноста дополнително да ги наполни своите каси со приходи од акциза и ДДВ, по некои проценки и околу 18 милиони евра, со ризик и сегашниот приход по таа основа да се намали од намалената легална продажба, губат потенцијално сите земјоделци што произведуваат со договори и легално од
намалените количини што би ги засадувале во иднина, губат мали семејни бизниси на трговија поради не баш малите приходи што ги добиваат од компаниите за да продаваат цигари и конечно, огромна маса од десетици илјади граѓани дополнително го ризикуваат своето здравје, бидејќи не знаат што пушат – најпроблематични се количествата на катранот во ваквиот тутун кој според испитувања што ги прави и државата и тутунската индустрија може да изнесуваат и до 4 пати
повеќе од дозволените параметри.

На ваквата состојба први гласот го кренаа од Групацијата на производители на тутунски производи при Стопанската комора на Македонија уште при крајот на минатата и во јануари 2019 г. Државата, се чини, го разбира и го признава проблемот и полека ги активира механизмите што биле длабоко подзаспани и се дозволило состојбата да ескалира.

Дали веќе се гледаат последиците по директните производители на тутун во земјата?

Се чини дека да, ако се земат проекциите што ги имаше Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) на крајот од 2018 година, кога министерот при одбележување на почетокот на откупот изјави дека се очекува откуп од 29 илјади тони тутун. Неодамнешна изјава на првиот човек на Државниот инспекторат за земјоделство во која се зборува за успешно завршениот откуп на производството од реколтата од 2018 г, сведочи дека биле произведени околу 4 илјади тони помалку, односно околу 25 илјади тони. Дел од ова намалено производство се должи можеби на неповолни временски услови, т.е. обилни врнежи од дожд/град и поплави во регионите каде се произведува тутунот.

Целата истажувачка сторија можете да ја прочитате на следниот линк.

Таа е подготвена од новинарот Теофил Блажевски, како дел од активноста „Јакнење на платформата за граѓански организации за борба против корупција” поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Ставовите изразени во сторијата му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на САД.