Пад од 8.000 денари има на цената на станбениот квадрат во Скопје во периодот 2013-2018 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, во Скопје, просечната цена на квадратен метар станбена површина лани изнесувала 46.764 денари без ДДВ, а во 2013 година 54.857 денари.

Тоа значи дека просечната цена на стан од 60 квадрати во Скопје во 2013 била 3,3 милиони денари или околу 53.000 евра, а лани 2,8 милиони денари или 45.600 евра, што е намалување за 7.400 евра.

На ниво на држава, просечната цена на квадратен метар станбена површина во 2018 година изнесувала 43.155 денари, додека во 2013 година изнесувала 46.825 денари, односно цената во овој период се намалила за 3.670 денари.

Според најавите на градежниците во иднина ќе има тренд на пораст на цената на становите.

„Цената на становите во иднина ќе расте, но висината ќе ја одреди пазарот врз основа на квалитетот на градбата, локацијата, инфраструктурата и поволниот деловен амбиент – изјави претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, Ивица Јаќимовски.

Тој појасни дека порастот на цената го диктираат трошоците што ги имаат градежните компании во трите сегменти: градежни материјали, услуги и вработени.

Според Државниот завод за статистика, трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување во четвртиот квартал лани во однос на истиот квартал од 2017 година се повисоки за 5,9 отсто, трошоците за материјали се зголемени за 3,2 отсто, а за вработените за 13 отсто.